T
Tetro
Гостин
Минатата година повеќе Македонци умреле отколку што се родиле бебиња, па природниот прираст, иако официјалната статистика бележи негово благо зголемување, е негативен и изнесува минус 1.763 лица
Прираст што обесхрабрува
Македонскиот народ може да стане малцинство во сопствената држава, алармираат статистичките податоци. Минатата година се родиле 12.535 деца од родители со македонска етничка припадност, а починале 14.298 Македонци. Иако официјалната статистика покажува благо подобрување на состојбата со природниот прираст во земјава, минатогодишниот податок за соодносот меѓу новородените и починатите покажува дека прирастот е негативен и изнесува минус 1.763 лица. Во истиот период се родиле 7.200 деца од родители со албанска етничка припадност, а умреле 3.073 Албанци.
Состојбата со природниот прираст на државно ниво е на релативно незавидно ниво, за што зборуваат статистичките податоци дека бројот на новороденчиња лани се намалил за 18,8 отсто во споредба со 1995 година. Бројот на починатите, пак, лани споредено со 1995 година се зголемил за 18,2 отсто.
Статистиката открива и дека сé повеќе се зголемува бројот на разводите во Македонија, што исто така негативно влијае врз природниот прираст. За 142,3 отсто повеќе разводи имало во текот на минатата година споредено со 1995 година. Лани бројот на разведени бракови помеѓу сопружници-Македонци е речиси двојно поголем отколку бројот на разводи помеѓу сопружници-Албанци. Од друга страна, лани имало 6.920 склучени брака во кои младоженецот и невестата биле од македонска етничка припадност, а 4.779 брака во кои младоженците биле Албанци.
Од аспект на соживот меѓу двете страни, интересен е податокот дека лани имало само 16 склучени брака помеѓу Албанец и Македонка и 119 брака помеѓу Македонец и Албанка.
Од вкупно 1.720 разведени брака во минатата година, најголем е бројот на разводи (324) во кои сопругот бил на возраст од 35 до 39 години. Статистиката покажува дека брачните двојки најчесто се одлучуваат на развод откако ќе поминат од 5 до 9 години во брак. Забележително е дека лани имало и 59 разводи во кои сопружникот имал над 60 години.
Според психолозите, брзиот начин на живот поттикнат од стремежот за заработувачка е главна причина за зголемениот број разводи.
Нова македонија