Хашим Тачи: Ние сме за отворање на границите на Косово, но без поделба
Премиерот на Косово, Хашим Тачи во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека со одлуката на Република Косово за реципроцитет со Србија се постигнати три цели: потполно почитување на реципроцитетот, прекин на шверцот на стока и воспоставување на контрола на целата територија на Косово.
Тачи, како што пренесе дописникот на МИА од Прага, изјави дека сега целата меѓународна заедница, САД, ЕУ и НАТО се единствени по прашањето за воспоставување на законитоста и уставноста на целата територија на Косово и изрази надеж за добра соработка со ЕУЛЕКС.
- Посакуваме успешен ЕУЛЕКС, а тоа зависи од неговата соработка со косовските институции.Сакам да верувам во ветувањата дека ЕУЛЕКС ќе ги почитува Уставот и законите на Косово, рече Косовскиот премиер.
Тој додаде дека одлуките на Владата на Косово се засновани на моделот на ЕУ за воспоставување на законитоста и дека тие ќе им помогнат на Косово во евроинтеграциите.
- ЕУ подржува воспоставување на законитост и уставност на целата територија на Република Косово и ние можеме да се приближиме кон ЕУ само ако се бориме против криминалните структури, илегалната трговија, но и така што ќе воспоставиме ред и закон. Применуваме документи и демократски критериуми кои се неопходни за интеграција во ЕУ и тоа ќе ни помогне Косово да ја забрза европската агенда, подвлече Тачи.
Тој смета дека е најбитно да се создаде безбедносен амбиент за сите граѓани на Косово.
- Нашите одлуки не се вперени кон никого и тие се во корист на сите граѓани на Косово. Србите кои живеат во тој дел, во северно Косово не се против редот и законот. Тие граѓани, 12 години биле заложници на криминалните структури и тие структири сега ќе се соочат со правда, ред и закон, изјави Тачи.
Тој нагласи дека ни по ниедна цена нема да има поделба на Косово.
- Порано зборувавме дека Белград се обидува да го подели Косово, но сега по оваа новонастаната ситуација Србија не може ни да сонува за тоа. Косово нема да се дели, ние сме за отворање на границите, но без промени. Се залагаме за европски граници, додаде Тачи во интервјуто за Радио Слободна Европа. / Sitel