Нема ниту една гаража наменета само за катна
Нема ниту една гаража наменета само за катна
Кога инвеститорот ќе добие градежна дозвола за изградба на катна гаража, тој може да си направи пренамена во деловен објект, затоа што од деловниот простор ќе заработи многу повеќе отколку од паркиралишта.
Трендот за изградба на катни гаражи што го зафати градот изминативе неколку години продолжува и понатаму да ја тресе нашата метропола. И покрај објаснувањата од надлежните дека катните гаражи се градат исклучиво за решавање на проблемот со паркирањето, сé поевидентно е дека тие се прават затоа што се одличен бизнис и можност за заработка. Објектите наречени катни гаражи сé повеќе личат на деловни згради, па на некои од нив не може да се забележи дека се простор за јавно паркирање. Воопшто не е спорно дека во нив има и простор за паркирање, но факт е дека под поимот катна гаража се кријат и други дејности.
АТРАКТИВНОСТА НА ЛОКАЦИЈАТА ГИ ДИКТИРА УСЛОВИТЕ
Во последниве две години се изградени два објекта што на големо беа најавувани како катни гаражи, но ниту еден не функционира исклучиво за јавно „згрижување“ на возилата. Првата е центарот „Зебра“, на сопственикот на маркетите „Тинекс“ и актуелен градоначалник на општината Центар, Владимир Тодоровиќ. Вториот е објектот на „Сити плаза“, сместен кај „Рамстор“, веднаш до деловниот објект на НЛБ-групацијата. Изградбата на „Зебра“ во населбата Капиштец беше проследена со петиции и протести, затоа што објектот од прва катна гаража се пренамени во деловно-трговски центар, како и поради уништувањето на дел од паркот стар 30 години. Како што објаснуваат советниците во општината Центар што имаа мандат токму во времето кога се носел деталниот урбанистички план за таа локација, прво требало да се изгради само катна гаража. Потоа со неколку пренамени на локацијата од катна гаража во катна гаража со деловен центар, се дојде до денешната „Зебра“ - деловен центар со катна гаража. Зградата до НЛБ Тутунска банка, кај ТЦ „Рамстор“, требаше да биде катна гаража со подземни и надземни паркиралишта. Предвидено беше во неа да се паркираат 550 возила, но по изградбата нивниот број се намали на 150 места, во подземниот паркинг. Горните катовите сé уште не се употребуваат.
Слична е состојбата и со гаражата кај трговскиот центар „Бисер“, која треба да има четири подземни и четири надземни нивоа за паркирање. Сé уште не се знае дали и колку од овој простор ќе биде наменет за канцеларии, а колку за паркирање. Оваа гаража ја гради претпријатието „Илинден“, кое за малку ќе го загубеше земјиштето, затоа што во првичниот проект површината за деловни простории беше поголема од онаа за паркирање. Откако се направи нов проектот, и тоа само неколку дена пред истекот на рокот за почеток на градењето, општината Аеродром им издаде градежна дозвола. Катната гаража, пак, кај Универзалната сала, наместо лек за недостигот од паркинг-места, нема да може да ги задоволи ни потребите на салата, а камоли да служи и за јавно паркирање. Во неа ќе има две подземни и три надземни нивоа, а 35 отсто од просторот ќе биде наменет за деловни простории.
Објектот кај поликлиниката „Идадија“, поради одредени правни проблеми со Министерството за транспорт и врски, сé уште не е почнато да се гради.
ПРЕНАМЕНИ ПОРАДИ КОМУНАЛИИТЕ
Иста е приказната и со катните гаражи планирани да се градат. Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор треба да изгради четири катни гаражи. Две кај МЕПСО и кај ЕЛЕМ, една кај Музејот на холокаустот и една кај Работничкиот дом. Во сите овие објекти, планирано е да има по 15 проценти деловни простории. Во катната гаража на улицата Даме Груев, кај “Лотарија на Македонија“, чија изградба ќе ја финансира градот, а со него ќе стопанисува ЈП „Градски паркинг“, исто така, ќе има два ката наменети за канцеларии, и покрај тоа што на презентацијата на деталниот урбанистички план беше нагласено дека објектот ќе биде наменет само за паркирање. Сега за сега чиста е ситуацијата со паркиралиштето под новата железничка станица, како и со гаражата што треба да се прави на местото на дисконтот на „Тинекс“, до цветниот пазар на Јужниот булевар. Оваа локација е премногу атрактивна, па во јавноста се шпекулира дека е можно и тука, наместо катна гаража, да никне станбен комплекс или деловен објект со неколку ката наменети за паркирање.
При купување или добивање некое земјиште под закуп, инвеститорот треба да плати комуналии на градот и на општината каде што се наоѓа земјиштето. Комуналиите што инвеститорот ги плаќа за изградба на катна гаража се многу помали од оние што треба да ги даде за деловен или станбен објект. Кога инвеститорот ќе добие градежна дозвола за изградба на катна гаража, тој може да си направи пренамена во деловен објект, затоа што од деловниот простор ќе заработи многу повеќе, отколку од паркиралиштата. Од општините велат дека не дозволуваат да се прават пренамени на објекти, особено не од катни гаражи во деловни објекти, но практиката во реалноста ни покажува нешто сосема друго. Зошто откако ќе се види дека намената на објектот се менува, градежната инспекција не реагира, сé уште никој не успеал да одговори.
Автор: Александра Денковска
Нова Македонија