Па добро, А1 е испратена во историјата. Јас лично не ја следев долго време, од повеќе причини, како што не ја следев ни Сител телевизија. Отсекогаш ми пречел политички примитивизам, рекламни блокови од 15-20 минути, во комбинација со премиери на лоши филмови стари 30 години и индиско-латино-турско-хрватски долгометражни повраќаници. Од таа гледна точка и половината телевизии да ги укинат, нема да се притресувам многу. Е сега, забележувам нешто друго: освен најодговорните за некои финансиски малверзации, кои изгледа ќе го јадат стапот, а тие се малкумина, се` друго има комично-трагична завршница. Уредничко-новинарската екипа која најмногу дразнеше некого, а искрено таа на многумина им одеше на нерви, фино си се смести во други телевизиски ли, радиски или новински редакции, сеедно. Значи најмногу наебаа најневините во случајов. И најбројните. Обичните смртници, кои немаат подршка од ниедна политичка опција.
А она што може да се слушне за староста на првиов приватен телевизиски медиум и за неговото значење како таков, за тоа пет пари не давам. Нова Македонија беше многу постар, државен медиум, со неспорно историско значење, па го оставија да се распаѓа и на крајот да пропадне како локално гранапче, препродадено на приватник.
А1 имаше свој развоен пат: појава, подем и пад во квалитетот и неоправдано преамбициозен газда која самиот се заплетка во нешто од кое не можеше да се отплетка. И тоа е тоа.