Сево ова има многу смисла. Инаку, за формирање на индивидуалноста има теориии кои старосната граница ја поместуваат подолу од 16 години. Некои деца многу „поприродно“ ја примаат верата, а некои се многу поскептични. Се разбира дека има многу надворешни фактори кои влијаат на ова: социјална средина, достапност на информации, слобода на избор, почитување на мислење, постоење на демократски дијалог во семејството (вклучувајќи ги и децата), итн.
Да, тоа прво го наведов, каков однос има на релација родител-родител, а потоа родител-дете. Сето тоа влијае најмногу. Но родителите, и најзакоравените верници, и најзакоравените атеисти, мораат да најдат начин настрана да ги стават своите лични убедувања, и да се обидат најсилно што можат да му дадат на располагање на детето информации кои ќе го поттикнат неговото лично мислење и лично сфаќање, не само за религијата, туку за се во животот. Познавам врсници кои гласаат за определена политичка партија само затоа што родителот гласа за истата, а самите немаат поим зошто го прават тоа. Ова е практика, која треба да се трудиме вие како родители и ние како идни родители, да ја искорениме.
Децата што ,,лесно,, ја прифаќаат верата, прифаќаат и многу други работи лесно. Не смее никој ништо лесно да прифаќа, не треба така. Тоа не е нешто што го посакуваме кај децата, и најголемиот верник треба да се праша зошто неговото дете не се бунтува, а треба да го прави тоа. Бунтот не значи дека на крајот ќе плукне по ставовите на родителот, туку дека почнало да го бара своето ЈАС. А тоа ЈАС ќе го води низ целиот живот, низ секоја ситуација и низ секоја одлука. Бараме промисленост од децата, а мораме на истата прво да ги научиме. Ако лесно ги наведеме да веруваат во тоа што ние веруваме, утре исто така, големи се шансите да поверуваат и некому што не им мисли баш најдобро.
За жал, во денешната трка со времето, родителите не се занимаваат многу со оваа проблематика, и обично времето со децата не го поминуваат конструктивно. Најмногу, зошто не се тренирани како да бидат родители, што е значајно. Родителот има тешка работа - да се обиде да се стави на местото на детето.
Затоа кажав повеќе пати, не смееме да допуштаме да си ги лажеме децата само за да ги ,,откачиме,, во дадена ситуација. Еднаш, се расправав со моите родители околу тоа. Сестра ми беше многу мала, прашуваше како месечината се качува на небото. Мајка ми и одговори, ,,еден чичко ја закачува за да ни свети ноќе,,. Сестра ми имаше околу 4 години тогаш. Не може да разбере што точно се случува со ѕвездите планетите и метеорите, но подобра варијанта е да ставиш глобус и да земеш портокал и да објасниш како се врти Земјата. Да покажеш каде си ти, и како некогаш сонцето е на другата страна. Мојот пример и беше многу посфатлив и поинтересен, него примерот на мајка ми - кој го прифати веднаш и автоматски, зошто беше кажан од мајката - која нели, знае се, и умее се
Покрај тоа, примерот беше одлична основа за сфаќање на природните закони, за будење на чувството за ориентација, време, простор - иако делува наивно, за дете од 4 години овој наивен пример значи многу и многу полесно подоцна ќе ги учи овие реални работи. Ние понекогаш мислиме дека детето во моментот прашува и заборава, но вистината е дека тоа што детето свесно или потсвесно го научило во првите 5 години, трае многу, многу подолго, дури и целиот живот, него тоа што ќе го научи на училиште на 15 годишна возраст.
Критичкото и свое мислење се буди тогаш, кога прв пат детето чувствува нелагодност или неприпаѓање некаде. Обично тоа го чувствува околу 10-11 годишна возраст, кога прв пат се соочува со посериозни проблеми од пишувањето на домашна задача. Колку и да мислиме дека децата се наивни, всушност, имаат свој свет кој многу наликува на светот на возрасните, сите таму се борат за превласт, за место, за статус.
Интересно ми беше, сестра ми 1 одделение, а веќе почнаа да се групираат и меѓусебно да се прифаќаат и отфрлаат. Тоа беа деца од 6 годишна возраст и никој не ги наведуваше на истото - што значи дека надвор од дома каде што сами мора да се борат за да освојат внимание (што дома природно го добиваат) во нив веднаш се јавува таа потреба од промислување. Само што, не можеме да зборуваме за промислување во вистинската смисла на зборот, заради тоа што детето сеуште не е излезено од таа егоцентрична фаза. Едно девојче мисли дека другите девојчиња не ја сакаат затоа што учи многу и мисли дека таа прави нешто сосема погрешно и неубаво, дека е таа виновна, а не може да се стави на нивно место и да разбере дека всушност и завидуваат. Не може да сфати дека едно момче ја кубе за да добие нејзино внимание, мисли дека прави таа нешто погрешно и затоа тој ја малтретира. На 16-17 години овие работи ќе и бидат појасни, бидејќи таа детска егоцентричност е најголем ,,виновник,, за неспособноста на детето реално да ги согледува работите, и да ги сфаќа само и само од своја гледна точка.