Единствен исправен начин да воспитуваш дете, е пред се, да тргнеш од фактот дека детето не е глупаво, напротив, размислува далеку повеќе него просечен возрасен човек. Детето го прашува родителот за информација, само и само ако родителот многу предходно (пред да дојдат на ред овие прашања) воспоставил правилен канал на комуникација. Доколку детето се плаши од родителот или мисли дека родителот е лош, нема воопшто ништо да праша, а такви примери во оваа наша земја има многу.
Ако сме успеале да имаме добра и пријателски настроена комуникација со детето, а не деспотска и понижувачка, детето на 7 годишна возраст ќе праша за бог, за христијанство, ислам, итн. Ако родителите се верници, автоматски во голема мера 7 годишното дете ќе верува во постоењето на бог, во Исус, во црква, во икони... Нема да го интересира ама баш ништо поврзано со религијата, туку ќе го копира родителот како најважен модел во својот живот. Делумно, заради тоа што детето на 7 години, не е способно да ја сфати смислата на бог, или смислата на било што што е апстрактно за неговата свест, а на детето му е потребна визија за истото. Со тоа, родителот е бог за детето, затоа што родителот е извор на љубов, емпатија, храна, топлина, сигурност, заштита. Исто родителот е извор на лутина, нелагодност, отфрлање, казнување. Во детската свест целиот универзум се врти околу неговата личност, и мисли дека секоја негова постапка има влијание врз целиот универзум (позната ни е приказната кога родителите на 7 годишно дете се разведуваат, и детето мисли дека е тоа причината за разводот и дека родителите не го сакаат повеќе), па според тоа, кога веќе родителите зависат од неговите постапки (пофалба, лутина) тогаш и самиот бог зависи од неговите постапки.
Детето може да се најде во дилема, само доколку дојде во допир со деца со различна верска припадност, што е многу веројатно дека ќе се случи во оваа наша земја. И во овој момент ќе постави прашање прво себеси ,,зошто тие немаат икони дома?,,, а сосема потоа, ќе дојде кај родителот и ќе праша.
Во овој даден момент, родителот треба да биде многу посилен од своето его и своите лични перцепции, и да му објасни дека е во ред да се биде различен. Дека родителот е во право, другарчето е во право, и дури и ако самото дете еден ден мисли поинаку, ќе биде во право. Детето на 7 години се задоволува со прости и едноставни одговори, кои ќе му ја смират љубопитноста за извесно време.
Во 5то одделение, се учи дел од теоријата на Дарвин, и тогаш настапува второто прашање ,,Нели ние сме од Адам и Ева? Како тоа сме од мајмуни?,,.
На 10 -11 годишна возраст, за детето центар на универзумот е училиштето, баш поради тоа што таму се случувањата во неговиот живот. Сега не е само родителот, тука се и наставниците како извори на авторитет, пофалби и поплаки, тука е групата на врсници која во најголема мера го детерминира однесувањето на детето и не ја толерира неговата различност, и со самото тоа, детето ќе добие поприфатлива верзија на својот настанок - мајмуни. Едно што сите знаеме како изгледаат мајмуните, друго што е поинтересна таа верзија, трето што ја има во учебник, та мора да е вистина. Наставникот мора да се придржува до учебникот и ја пласира таа информација како точна.
Ова е првата ,,битка,, на родителот верник. Детето веќе размислува многу пологички, но сепак, не умее да ја разреши оваа дилема помеѓу двата најважни авторитети во својот живот - родителот наспроти наставникот. Родителот е пријател, наставникот знае се. Кој е во право?
По втор пат, ќе треба да се објаснат повеќето верзии на нашиот ни настанок. И на крајот да се каже дека не знаеме, затоа што тоа е единствената вистина што можеме да му ја понудиме на детето во овој случај - НЕ ЗНАЕМЕ.
Детето тука повторно ќе се помири дека е така, најмногу поради тоа што во моментот во неговиот ум има поважни работи за мислење - а тоа е пронаоѓање на своето место во друштвото, и пронаоѓање на самиот себе (тука сме на почеток на пубертет). Во наредните неколку години, религиозноста воглавно ќе предизвика немир и нервози кај детето, тргнувајќи од хормоните кои ,,лудуваат,, во овој период - а добро знаеме дека детето верник треба да се ,,чува,, и ,,пази,,. Тука се јавува главниот револт према религијата - тинејџерот е бунтовен, не сака никави правила и стеги, посебно не сака религиозни стеги. Колку и да се посветени неговите родители, неговите пријатели ќе го прават сето она што е верски недозволено, а и самото дете ќе го посакува истото. Но сега ова дете има веќе силни корени за својот карактер - и најмногу сега зависи како ќе ја сфати религиозноста на својот родител - дали ќе ја прифати, овој пат вистински (не се рачуна крштевање, сунет, на дете кое не може да направи избор) и понатаму во животот ќе верува, или ќе ја отфрли, прво потајно од страв од осуда, а потоа и целосно.
Живееме во мултиверско и мултиетничко општество, и се дружиме со луѓе од сите вери и националности. Огромни се шансите едно момче христијанин да се вљуби во девојка муслиманка.
На 15-16 години нив не ги интересира реално религијата - се плашат од осудата на општеството.
Колку и да мислите, вие родителите, дека децата навистина разбираат зошто не им дозволувате да бидат заедно со некој од различна вера, вистината е дека не само што не разбираат, одбиваат да разберат и се јавува најголемиот револт према вас, вашите религиозни погледи и општо, целата ,,религиозност,,. Колку и да се трудите да објасните зошто е вашето ,,правилното,, вистината е дека за ,,правилно,, го сметаат само тоа што ним им се чини така. Тргнете од себе, и добро ќе разберете за што зборувам.
Вториот момент, е кога завршува периодот на ,,хормонска револуција,,. Детето веќе не е дете - туку млад човек. Овој млад човек, има повеќе опции - ако успешно го пребродил периодот на дилеми ,,религија - антирелигија - можеби религија,, веројатно ќе се припие кон ставовите на родителите и ќе верува, ако е незаинтересиран, ќе продолжи да верува од традиција, но тоа сите знаеме дека не е верување, и третата опција е да се разбуди тоа што целото општество е настроено да го разбуди - сопствен критички став. Овој став ќе го критикува и Дарвин, ќе критикува и христијанство и ислам и се по ред. Пред се, зошто нашето образование, нашите образци на социјализација пренесуваат ставови врзани за хедонизмот, тоа е она што се обидуваме да го разбудиме во нашите деца, тоа е она што се обидуваат да го разбудат во нас, студентите. Сакале вие или не, вистината е таа - и најмногу поради тоа имаме ,,неопределена,, младина, каде спаѓам и јас, и 99% од луѓето на моја возраст и постари од мене. Ние знаеме дека НЕ Е ВАЖНО тоа прашање. Не размислуваме за тоа прашање. Не не интересира тоа прашање.
Баш поради наведениот хедонизам кој се обидуваат да ни го всадат - повеќе не интересира да студираме, да патуваме, да излегуваме, да се дружиме, да се смееме, а многу, многу помалку не интересира дали настанавме од мајмун или од ништо. Затоа што ни е здосадено. А замислете, колку пак ќе им биде забавно на нашите деца?
Вистината е дека, помеѓу мојата генерација и генерацијата на моите родители постои огромен, длабок јаз, затоа што живееме во сосема различно општество. Вие, постарите, не очекувам да можете да разберете дека ние немаме ниту сличен светоглед, ниту слични ставови и желби како вас. Вие, пред 30 години, не требало да се грижите како ќе завршите факултет, како ќе се вработите, каде ќе живеете, дали ќе имате пари да патувате, ако имате, дали ќе ви прават проблем на граница, дали ќе ве бомбардираат надвор од овие граници, дали професорот ќе бара мито или не......... Денес ние претежно со тоа се занимаваме, и навистина, обично вашиот бог не ни е од некаква помош, па и на оние верници кои ги знам, обично, не им излегува во пресрет. Тргнете од тоа. Сакале вие или не.
Се извиниувам на долгиот пост, упатен до родителите верници. Не сум родител, ама сум нечие дете. И во поблиско минато беше периодот на моите дилеми, прашања и пред се наоѓање на моето место, наоѓање на моето ЈАС. Благодарение на максималната посветеност, трпеливост и флексибилност на моите родители (инаку верници) успеав без трауми и лутење на сама себе, на нив, и на целиот свет, да донесам заклучоци по повеќе прашања за мојот живот.
Не е важно колку се молите или верувате. На детето тоа не му е важно. Повеќе внимавајте колку сте способни да бидете пријателски настроени, па што и да биде - нека биде.
Не знам какви родители сте. Ама знам какви се повеќето во оваа земја.
Поздрав.