Желби
Има нешто што не реализиравме. Што не го остваривме. И што можеби нема да го реализираме. Има нешто што длабоко ќе остане во нас. Некој наш, личен неуспех, некоја волја да уништиме и нечија туѓа волја (на пример, да предложиме тримесечно породилно отсуство), која го поседува истото тоа чудо од некаква волја за да се уништи сето она што би требало да ни остане. Добро, можеби не ни треба некоја особена желба за уништување, ама секако некаква желба ни треба.
Желбите, можеби, не се својствени за празникот иСвети Трифунни, тогаш, имено, ги кроиме лозјата, ама се својствени за иСвети Валентинни, празџник кога од некои причнини некои посакува нешто. Како и да е, желбите се работа која ни остана недоискажана, нешто што моравме да го направиме, а не го сторивме. Оваа колумна токму влегува во таа категорија.
Значи, има нешто, има некакви желби што ни останаа неисполнети, а мислевме дека можеме да ги реализираме. Значи, постојат некои работи поради кои се чувствуваме нереализирани. Слаба е утехата кога Душко Радовиќ ќе каже дека никогаш не треба да се срамиме од она што сме го направиле, односно дека никогаш не треба да се фалиме пред нашите деца колку сме се мачеле за да го направиме она што сме го направиле. Прво, според она како што изгледаме убаво се гледа дека сме се мачеле и, второ, според она што сме го постигнале не се гледа зошто сме се мачеле.
Со други зборови, желбите се секогаш нешто што не држи во животот, а никогаш нешто за што се живее. Имено, се живее онака, по навика, а Дедо Мраз, односно оној што ни ги исполнува желбите доаѓа само еднаш во животот. А тогаш нема да го видиме. И еден ден ќе се запрашаме: иА зошто, во суштина, ние живеевме??и. И нема да си најдеме одговор.
Ете, тоа се желбите!
Колку и да се околностите виноивни, колку и да е виновна некаква повисока сила зошто, на пример, не сте Бил Гејтс, па да можете да си ги исполнити и најдивите соништа, сепак, на крајот на краиштата ќе остане некаква горчина во вас, нешто што секогаш ќе ве потсетува на фактот дека не го направивте она што бевте должни да го направите, нешто за што ќе ви забележат вашите деца, вашите најблиски, или нешто што целиот живот ќе ве потсетува на вашиот личен неуспех.
Желбите се состојба на духот, желбите се истото она што се нарекува надеж, желбите се реализација на човековото битие, желбите се... Впрочем, да не се лажеме: желбите се нешто што се реализира, само нам не ни успева! Големите среќи и големите несреќи секогаш им се случуваат на другите! Ако нешто доволно долго го посакуваш (на пример, да бидеш градоначалник или нешто слично) тогаш целата вселена ќе работи да го оствариш тоа. Така, барем, вели Паоло Куелјо. Не знам, можеби и Ристо Пенов. Јас сигурно не го тврдам ова, затоа што со моите желби вселената не сака да има никакви врски. А јас, ете, мислам дека немам неостварливи желби. Сакам, на пример, да отидам годинава во Сплит, односно на Јадранско Море. И лично мислам дека вселената ја заболе уво за моите желби. Сакам, ете, да добијам на лото. И гледам како вселената ми се смее во лице. Сакам (добро, тоа навистина е неостварлива желба) Македонија еднаш да ја победи Андора во фудбал, ама што да правиме, желбите во принцип (барем кај мене) не се остваруваат така лесно.
Велат луѓето дека на луѓето им е потребно само здравје, а сето друго доаѓа само по себе. Јас не знам кој од оние што биле на иТитаникки не бил здрав, ама знам дека здравјето слабо (тенко, велат скопјани) им помогнало во нивните животи. Знам точно дека ми го скусува здравјето и пишувањето на оваа колумна, ама знам точно дека платата, меѓу другото, ја заработувам и од пишувањето на овој текст. Сакам да кажам дека совршено ми е јасно дека од здравје не се живее. Се живее од леб и вода. На денешен јазик преведено: се живее од пари. И тука вашите желби имаат навистина многу мало влијание.
Но, да не се разбереме погрешно: убаво е да се сака, убаво е да се има желби, убаво е целата вселена да работи за тебе, убаво е да се сонува, убаво е, дури, да бидеш Пол Макартни, кој ќе изјави дека човек не смее премногу да сонува, затоа што соништата можат да му се исполнат и тогаш нема да знае што да прави...
На крајот на краиштата, не сум сигурен: можеби е убаво и животот да се арчи онака по навика, можеби и треба да останеме нереализирани, нешто да не боли и пече...
Можеби некогаш, што би рекол Ацо Шопов, тоа нешто тишината сама ќе го рече.
Сепак, има нешто што не реализиравме. Нешто што не остваривме. Ете, има!
ЅВЕЗДАН ГЕОРГИЕВСКИ - Утрински