На неодамнешна конференција на егзобиолози и астрономи во Австралија, коментарот на еден од присутните многу ме заинтригира, бидејќи се совпаѓа со она што самиот го претпоставував одамна. Не ми текнува на името и презимето, но еве што предложи како објаснение за Ферми парадоксот.
Теоретизира дека можно е цивилизации, како нашата, кои се уште се развиваат, и еволуираат, да бидат сметани за незрели, неразвиени, премногу млади, со нивните сознанија, и премногу диви во своите однесувања, од страна на некои, стари, искусни, и високо развиени цивилизации, кои психолошки, технолошки и еволутивно се на такво високо ниво, што е тешко да се отслика како сето тоа би изгледало на форми на живот како нас. Веројатно се пред нашите носеви, а ние не можеме да ги видиме.
Неговата поента, во главно, се состоеше од тоа дека овие цивилизации, одредуваат степени на развиток, или некаква оценка, ознака, на културите што ги наоѓаат, и врз основа на тие проценки, одлучуваат дали обидите за комуникација кои ги прават тие за да стапат со други цивилизации ќе бидат овозможени, или истите ќе бидат спречени, додека не се постигне некакво оптимално ниво на развој, во повеќе аспекти, од поедината цивилизација.
Што значи, можно е да има цивилизација и во Алфа Кентаури системот, на приближно наше ниво на развој (повеќе или помалку), но комуникациите меѓу нашите две цивилизации се пригушени / спречени од страна на овие "старешини" цивилизации кои ги спомнав погоре, бидејќи, или ние, или тие, немаме ист "резултат" од нивната анализа и проценка.
Мислам дека ние сме причината, зошто сме во соседство на ѕвездени системи од кои голем број се токму од типот кој може да подржуваат, не само форми на живот, туку и доволно стари за напредна цивилизација да никне на некоја од планетите кои кружат околу тие ѕвезди.
Можеби малку звучам како Артур Кларк овде (така ми заличи и тоа што го прочитав од егзобиологов), но мислам дека цивилизација како "Првородените", кои се појавуваат во неколку од неговите книги, а според дефиницијата погоре, спаѓаат од тие "старешини" цивилизации, е доста возможно.
Да бидеме реални, не сме баш најдоброто друштво на самите себе си, историјата како главен сведок на тоа, а камо ли други цивилизации, кои можеби содржат повеќе култури на својата планета како и ние.
Сето ова, за да се спречат непотребни конфликти или истребувања, кои можат да произлезат од "прв контакт" случаи од вонземни цивилизации.
Уште една претпоставка држи вода, која дојде од истиот човек - можно е некоја дадена цивилизација да се развила на планета која кружи околу црвено сонце, и бараат други цивилизации на ѕвездени системи кои се со црвено сонце. Ако додадеме дека комуницираат на друг начин од нас, како на пример, термален вид, или бараат други цивилизации со помош на сигнали од неутрино честици, нити ќе забележат наша сонда (ако не покаже термален потпис) нити ќе бараат живот на сонца како нашето - жолто.
Што можеби укажува исто така, зошто не сме стапиле во контакт со друга цивилизација, и дека можеби и ние малку премногу конзервативни сме во нашата потрага по вонземјани, со тоа што бараме радио сигнали, од сонца како нашето (GV-тип, жолти), и со старост колку нашето, со планети кои треба да бидат клонови на нашата.
И можеби сме изоставиле места каде што интелигентен живот постои, но поради нашите преференции во потрагата, комуникациите не се сретнати.
Замислете, за век-два, постигнеме некакво си (близу-)утописко општество, и сигнали од разни видови (радио, неутрино, концентриран ласер, термални и сл.) одеднаш стигаат од разни страни на универзумот, буквално гушејќи ги нашиве инструменти од бројност.
Доаѓаме до заклучок дека некоj го ставил "радиото" на "mute"
. Привремено.