Ердоган го повика Гадафи веднаш да поднесе оставка
Турскиот премиер вели дека либискиот водач мора да ја предаде власта заради мирот
Во острата изјава од вторникот (3-ти мај) турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган го повика Муамер Гадафи веднаш да поднесе оставка, сигнализирајќи нов пресврт во политиката на Анкара кон Триполи.
„Почна нов период во историјата на Либија. Почнуваат да снемуваат зборови за либиското прашање“, рече водачот на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) на телевизиската новинска конференција во Истанбул. „Во овој момент, она што треба да се направи е Муамер Гадафи, кој ја води владата во Триполи во Либија, веднаш да ја остави власта и да ја исполни својата историска и хуманитарна одговорност.“
Изјавата на Ердоган уследи еден ден откако Турција привремено ја затвори својата амбасада во Триполи и го евакуираше својот персонал во Тунис, поради безбедносни причини, но го остави отворен својот конзулат во Бенгази, кој е под контрола на бунтовниците.
Претходно во понеделникот, толпа лути поддржувачи на Гадафи ги нападнаа дипломатските мисии на неколку земји во НАТО, како одговор на воздушниот напад на Алијансата од саботата вечер, при кој беа убиени најмладиот син на Гадафи и тројца од неговите внуци.
Во меѓувреме, либиските владини сили во понеделникот продолжија со агресијата во областите под контрола на опозицијата, вклучително и пристанишниот град Мисрата и градот Зинтан, при што загинаа стотици цивили.
Меѓународната организација за миграција во вторникот објави дека има околу 1.000 имигранти и ранети цивили во Мисурата кои треба да се евакуираат.
Турција првично се спротивстави на каква било воена интервенција за прекин на насилните мерки на силите на Гадафи врз либиските цивили кои бараат негова оставка и демократски реформи. Подоцна земјата го промени ставот, приклучувајќи им се на напорите на НАТО за воведување ембарго за оружје врз Либија, со која Турција има блиски трговски врски со години.
„Гадафи ги игнорираше повиците за промена во Либија и наместо тоа претпочиташе крв, солзи и притисок врз сопствениот народ“, рече Ердоган во вторникот.
Во сегашните услови, најдобриот начин е враќањето на власт на вистинските сопственици, либискиот народ. Либија не е сопственост на еден маж или едно семејство“, турскиот весник
Хуријет ги цитираше неговите зборови. Весникот, исто така, истакна уште една важна точка во изјавата на премиерот од вторникот, кога тој го дефинираше бунтовничкиот Транзициски национален совет (ТНЦ) во Бенгази како единствен пандан на Анкара во Либија.
Турција, рече тој, ќе продолжи тесно да соработува со ТНЦ кон реализација на патоказот кој го претстави на почетокот од април, кој треба да го отвори патот за процесот на демократски промени во Либија.
Некои извештаи во медиумите новата промена во политиката ја припишаа на јавниот притисок, поради континуираното страдање на либиските цивили пред општите избори во Турција на 12-ти јуни.
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2011/05/04/feature-01