Бин Ладен планирал јубилеен напад во САД
Деталите околу животот и смртта на најбараниот терорист се уште ја потпалуваат љубопитноста, особено на Американците и на Пакистанците. Иако притаен во вилата во Аботабад, мозокот зад нападите на 11 септември планирал нов, јубилеен напад на десетгодишнината од уривањето на кулите близначки.
На една од рачно напишаните белешки американските разузнавачи нашле план во почетна фаза за напад на воз - хаварија на ненаведена пруга за вагоните да излетаат од шините во бездна. Американските разузнавачи ова го толкуваат како јасен знак дека Бин Ладен се уште имал важна улога во заговорите, но и оти Ал Каеда се префрлила на помали цивилни цели како транспортот.
Од испрашувањето на сопругата на Бин Ладен разузнавачите дознале дека шест години живеела во вилата без да слезе на подолните катови. Властите се надеваат дека таа ќе им даде дополнителни информации за функционирањето на Ал Каеда и животот на нејзиниот прв човек.
А речиси една деценија откако неговиот претходник Буш на урнатините на Светскиот трговски центар порача оти одговорните ќе слушнат за Америка, Обама порача - ветувањето е исполнето. Иако тој не сакаше да ја политизира посетата, Американската јавност го критикуваше за малодушност - зошто не ги објавува фотографиите од мртвиот Бин Ладен кога светот го обиколија слики од жртвите од 11-ти септември.
Во меѓувреме, Пакистан се заканува дека ќе ја преиспита улогата во антитерористичката коалиција ако САД изведат уште еден таков напад.