Косово се сеќава на воздушните напади од 1999 година
Косовските Албанци велат дека кампањата на НАТО за спроведување на зоната за забранети летови на ОН во Либија, ги враќа спомените.
На 24-ти март Косово ќе ја одбележи дванаесеттата годишнина од воздушните напади на НАТО од 1999 година против режимот на Слободан Милошевиќ. Сепак, оваа година приликата има ново значење.
Пред само неколку денови, ЕУ и НАТО спроведоа напади врз системите за воздушна одбрана на Муамер Гадафи, во обид за заштита на цивилите во Либија. Многумина во Косово се потсетија на настаните од 1999 година.
„Чекањето во подрумот на куќата во текот на долгите временски периоди, е нешто што и денес не можам да го опишам“, се сеќава Рафет Беќири (59).
Две децении тој работел во југословенска градежна индустрија во Либија, од 1982 до 1987 година и во Ирак.
„Сфаќам како се чувствуваат луѓето во Либија; јас работев таму и гледав колку е тешко да се живее под Гадафи. Кога видов колку многу луѓе се убиваат и тековните напади врз Либија, се сетив со што се соочивме во 1999 година.“
Тој опишува како српската полиција дошла да го протера неговото семејство од куќата во Приштина во текот на ноќта на 24-ти март.
„Српските полицајци рекоа: „Дали го гледате НАТО? Тие доаѓаат, но кога тие ќе дојдат, вие нема да бидете тука“, се потсети тој.
За време на својата прва вечер во прогон, тој и неговото семејство ја напуштиле Приштина со многу други, одејќи до станицата за да го фатат првиот воз до границата со Македонија.
Беќири се сети дека режимот на Гадафи го поддржа Милошевиќ во неговата кампања против Албанците.
„Сега тој го убива сопствениот народ и ако НАТО не го запре, тој ќе ја постигне својата цел и ќе ги убие сите што му се спротивставуваат“, рече тој.
Незир Бериша (73) е поранешен југословенски дипломат -- еден од малкуте косовски Албанци кои работеа за Странската служба на поранешната комунистичка земја. Тој беше испратен во Триполи за период од три години.
„Среќен сум што меѓународната заедница дејствува побрзо во Либија отколку во Косово. На луѓето таму им треба помош, како што ни требаше и нам во 1999 година“, вели Бериша. „Ние во Косово ги разбираме ваквите дејства и уште повеќе, разбираме со што се соочуваат Либијците.“
Бериша се сеќава на посетата од 2007 година на Либија.
„За народот што живее таму, е исто како и за нас [косовските Албанци] во 1978 година, кога бев распореден во Триполи. Режимот продолжува да го држи народот и ги контролира нивните животи.“
Меѓународните работи обично не добиваат насловна страница во косовските медиуми, но Либија со денови се наоѓа на насловните страници на сите главни телевизиски станици и во весниците.
„Врската меѓу Либија и Србија, поддршката на Гадафи за Милошевиќ во 1999 година и пред сé воздушните напади на НАТО врз Југославија и убиствата на цивилите, ја прави кризата во Либија [доминантна] во насловите -- не само за уредниците, туку и за народот“, вели Фатлум Садику, коментаторот на локалните косовски вести.
Косовските власти официјално излегоа со поддршка за воздушните напади врз либиските сили.
„Косово ја сфаќа важноста на ваквите интервенции од 1999 година, и ги поддржува напорите на либискиот народ за слобода и демократија, за да стане важна земја на арапскиот свет“, рече премиерот Хашим Тачи.
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2011/03/23/feature-02