Тајмс: Повлекувањето на САД од Либија е случај без преседан
Вашингтон и Лондон се исплашија од исламистите?
Во Либија е и Ал Каеда, па Британците и Американците не случајно инсистираат Гадафи со синовите и неговото опкружување да си заминат. - Известувачите јавуваат дека на фронтот "владее целосна пат-позиција"
Американците се повлекоа од операциите за бомбардирање воздух-земја, над либиската територија, предавајќи му ја целосно на НАТО операцијата во оваа северноафриканска земја, што е "случај без преседан", пишува "Тајмс". Како што јави дописникот на МИА од Лондон, лондонскиот весник објаснува дека САД, кои ваквиот свој потег го најавија уште од порано, ги имаат повлечено своите бомбардери, како и напаѓачките авиони од првата борбена линија во Либија, останувајќи само со "странично" помагање на целата мисија, што почна како операција на Обединетите нации за заштита на либиските цивили, а потоа се претвори во уште една мисија на НАТО во една странска земја. Американскиот државен секретар за одбрана Роберт Гејтс претходно изјави за британските медиуми дека војниците на САД нема да стапнат на територијата на Либија во каква било копнена операција. Шефот на Стејт департменот Хилари Клинтон, која во Лондон се оценува како заговорник на воената опција во либиската криза, изјави дека во постоечката резолуција на ОН "има простор за да им се испорачува оружје на бунтовничките сили", заради побрзото кршење на отпорот на режимот на Гадафи.
Белата куќа, меѓутоа, засега само дозволи вклучување на ЦИА во либиската криза, објаснувајќи дека САД немаат донесено решение за давање оружје за антигадафи силите. И британската Влада го смени ставот - сега смета дека не би требало да се избрзува со дистрибуцијата на оружје за бунтовниците. Во Вашингтон и во Лондон надвладеа стравот од присуството на исламистите, како и на Ал Каеда меѓу бунтовниците во Либија, па сега и Британците и Американците инсистираат на тоа дека Гадафи и неговите синови, како и опкружувањето околу либискиот водач мора да си замине. Претставникот на либиската Влада Муса Ибрахим прексиноќа изјави дека Либија е подготвена да одржи избори и да го реформира својот политички систем, но дека само либискиот народ може да одлучи дали неговиот лидер Моамер Гадафи останува и натаму на чело на државата. Британските известувачи од Либија, кои главно се меѓу бунтовничките сили, јавуваат дека и покрај бомбардирањето на позициите на либиската Армија кај Брега, на фронтот "владее целосна пат-позиција". Стигна и веста дека оваа недела либиските бунтовници ќе го натоварат првиот танкер со сирова нафта наменета за извоз, откако поради побуната против Гадафи е прекинат извозот на "течното злато" од нивната земја.
Во борба со кондоми и вијагра!?
Во џеповите на мртвите војници на Гадафи имаше кондоми и вијагра, и кажал лекарот Сулејман Рејади на репортерката на Ал Џазира, Суе Тортон. Рејади е уверен дека тие им служеле за силување. Иако нема докази дека било така, а тешко и дека би се обезбедиле бидејќи силувањето е табу-тема во Либија, сепак, тоа го потврдиле и други лекари во Бенгази. Либијката Еман ал-Обеиди пред неколку дена упадна во хотел во Триполи, полн со странски новинари, обвинувајќи ги војниците на Гадафи дека ја силувале.
http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=817FF02C06A1ED47BA54F6A8CF2B8873