Премудриот Сирах рекол: “Сине! Помогни го твојот татко во неговата старост и не разжалостувај го во неговиот век; па дури и со умот ако малакса, прости му и не презирај го” (3, 12). Децата треба да ги почитуваат своите родители, вели и петтата Божја заповед:”Почитувај го таткото твој и мајката твоја, за да ти биде добро и долго да поживееш на земјата” (2 Зак. 5, 16), а почитта треба да биде и со зборови и со дела, кротко и пристојно; “…за да слезе на тебе нивниот благослов” (Сирах. 3, 8). Оние што им се противат на родителите, ги презираат, ги навредуваат, ги разгласуваат нивните маани, ги пцујат или тепаат, во Стариот Завет биле казнувани со смрт (Исх. 21, 15, 16; Раск. 30, 17). Децата се должни да ги слушаат своите родители и да им се покоруваат (Кол. 3, 20). Само тогаш децата не мораат да ги слушаат своите родители, кога тие ќе бараат од нив да прават нешто што е противно на Божјите заповести и државните закони, доколку вториве, не се косат со првите; зашто и Христос вели:”Кој го љуби таткото и мајката своја, повеќе од мене, недостоен е за мене” (Мт. 10, 37).
Непочитувањето на родителите е страшен грев; а додека почитта кон родителите, го излива нивниот благослов врз децата:”Татковиот благослов ги утврдува домовите на децата, а мајчината клетва ги разрушува до темели” (Сир. 3, 9) се вели во Светото Писмо. Сите должности, што ги имаат децата кон родителите, ги имаат и кон старателите; учителите, воспитувачите, роднините, добротворите итн. Зашто тие се грижат за нивното воспитување и напредок, ги заменуваат родителите во вршењето на родителската должност, затоа имаат и власт над децата.