Војници го расчистуваат опозицискиот камп на плоштадот Тахрир
Египетското воено раководство вчера го распушти парламентот, го суспендира Уставот и соопшти дека ќе владее само шест месеци или, пак, додека не се одржат фер и демократски избори во земјата. Во соопштението на Високиот воен совет, кое следува два дена откако претседателот Хосни Мубарак поднесе оставка, попуштајќи на големиот притисок и 18-дневните протести, било ветено и одржување референдум, на кој граѓаните ќе треба да се изјаснат за новиот устав. Воениот совет ќе може да донесува нови закони за време на транзицискиот период, кој, според некои аналитичари, не е јасно колку би можел да трае.
Египетската војска, пренесуваат светските медиуми, се очекуваше вчера да издаде јавно предупредување до сите што предизвикуваат хаос и безредија во земјата. Според висок армиски претставник, Воениот совет ќе ги забрани собирите на работничките или професионалните синдикати, со што всушност ќе го забрани одржувањето штрајкови во земјата.
Како што пренесува Ројтерс, првичниот одговор на опозициските претставници и лидери на протестите бил позитивен, со што се испраќа сигнал за поддршка на војската и смирување на ситуацијата во земјата, која беше потресена од повеќенеделните демонстрации против Мубарак, во кои животот го загубија над 300 лица.
- Ова е победа за револуцијата - изјавил опозицискиот политичар Ајман Нур, кој на изборите во 2005 година му беше противкандидат на Мубарак и подоцна беше притворен поради наводно фалсификување документи.
Претходно, египетскиот премиер Ахмед Шафик порача дека воспоставувањето безбедност во Египет е приоритетна задача на Владата.
- Ние треба да направиме сé што е можно за да им обезбедиме нормален живот на сите - истакнал Шафик.
Тој ветил дека Владата ќе се справи со корупцијата и дека на народот ќе му се вратат правата. Според него, економијата на Египет е стабилна и консолидирана.
- Внатрешната економска состојба е солидна, имаме доволно резерви за претстојниот период, а ситуацијата влева оптимизам. Кабинетот ќе ги намали цените на храната - нагласил Шафик.
Во врска со назначувањето министри во новиот кабинет, Шафик посочил дека внимателно ги проучуваат сите кандидатури за функциите, кои треба да одговараат не само на нивните барања туку и на оние на јавноста.
Ситуацијата во Каиро вчера полека почнала да се враќа во нормала, со исклучок на помали инциденти на централниот плоштад „Тахрир“, каде што војската почнала да ги растура шаторите на демонстрантите, за да обезбеди нормално одвивање на сообраќајот. Некои од демонстрантите порачале дека планираат да останат на плоштадот сé додека воениот совет не ги исполни ветувањата. Според нив, потребно е итно ослободување на политичките затвореници, укинување на вонредната состојба, која Мубарак ја користеше за задушување на опозициските движења, затворање на воените судови, одржување слободни избори и мирно предавање на моќта на цивилните структури во општеството.
Статуи на Тутанкамон украдени од Египетскиот музеј
Осум важни експонати се украдени од Египетскиот музеј, меѓу кои и статуата на Тутанкамон, изјавил египетскиот државен министер, одговорен за антиквитетите, Захи Хавас.
- Меѓу украдените експонати се позлатената дрвена статуа на фараонот од 18. династија Тутанкамон, држена од божица и делови од позлатена дрвена статуа на Тутанкамон, кој лови риба со харпун - прецизирал Хавас.
Крадци насила влегоа во музејот, кој се наоѓа на плоштадот „Тахрир“ во Каиро, на 28 јануари, кога масовните протести доведоа до повлекување на полицијата од улиците на неколку дена, јави МИА.
Во Алжир уапсени над 400 лица
Над 400 демонстранти, кои учествувале на протестен марш во центарот на алжирската престолнина Алжир, биле уапсени за време на викендот, зголемувајќи ги стравувањата на тамошните власти, дека народниот бунт, кој доведе до соборување на претседателите во Тунис и во Египет, ќе се прошири и во оваа африканска земја. Демонстрантите барале демократски реформи и покрај официјалната забрана за организирање собири.
Тешко вооружена полиција ги блокирала улиците на Алжир и поставила барикади околу градот за да ги спречи демонстрантите од другите делови на земјата да влезат во главниот град. Но и покрај силното полициско присуство, неколку илјади Алжирци успеале да дојдат во центарот на градот, каде што се судрија со тројно побројните полициски сили.Директорот на Алжирската лига за заштита на човековите права, Али Јахија Аденур, изјавил дека меѓу уапсените има жени и странски новинари. Според неговата процена, во градот имало дури 28.000 припадници на полицијата.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=21411923252&id=11&prilog=0&setIzdanie=22206