
Градежните работи за изградба на спомен-домот се ближат кон крајот, а наскоро ќе почне и ентериерното уредување заедно со изработката на потребната музејска поставка
Две восочни фигури на Тоше Проески во природна големина ќе се најдат во неговата спомен-куќа во Крушево. Едната ќе биде во стоечка позиција, каде што мегаѕвездата е претставена во својот препознатлив став, со микрофон в рака, а другата ќе биде во музичкото студио - седнат на клавир како компонира. Тие ќе бидат ударни елементи, покрај кои ќе може да се фотографираат фановите.
Градежните работи за изградба на спомен-куќата на Проески се ближат кон крајот, а наскоро ќе почне и ентериерното уредување заедно со изработката на потребната музејска поставка. Ако временските услови се погодни, постои шанса таа да биде отворена за посетителите на 25 јануари, денот кога е родена македонската музичка легенда. Фасадата и поставувањето на стаклото од објектот се завршени, се поставува зеленилото на покривот, а интензивно се работи на партерот и во внатрешноста на куќата. Стаклата се во зелена и во сива боја, со апликации - листови направени со посебна технологија. Тие потсетуваат на обвивката од албумот „Игри без граници“, што Проески го промовира пред трагично да го загуби животот во 2007 година. Архитектот Дејан Спасеновски, еден од творците на објектот, нагласува дека содржината на ентериерот има многу симболика и затскриени елементи поврзани со животот и кариерата на Тоше.
- Музејската поставка е осмислена и организирана така што ги претставува животниот пат и музичката кариера на Проески, со сите познати и непознати детали, кои би можеле да бидат интереси за посетителите. Изложбената поставка ќе се одвива на две нивоа, со континуирано ненаметливо движење. Тој вид релаксирана прошетка низ музејот, поделен во неколку целини, овозможува да се помине низ животот на Тоше - вели Спасеновски.
На надворешните ѕидови на објектот ќе има витрини, што преку разни предмети го отсликуваат животот и делото на Проески. Во централниот дел се наоѓа молитвеник со сите верски предмети што Тоше ги поседуваше, заграден со армирани бетонски платна, кои се протегаат на висина на двата ката, на кои се аплицирани ликот и потписот. На аглите се појавуваат стаклени ѕидови, на кои се врежани некои од неговите омилени песни.
- Ќе има и реплика на неговото студио, во кое тој музицираше и компонираше, како и просторија за преслушување на песните. Во комбинација со ентериерот- кој е ненаметлив и е во бела боја, ќе има соодветно осмислен аудио и визуелен амбиент. Низ целиот објект посетителите ќе ги придружува музиката на Тоше, заедно со визуелни ефекти. На ЛЦД-екрани постојано ќе се емитуваат концертите и спотовите на нашата музичка легенда - открива Спасеновски.
Следејќи ги најновите технолошки достигвања, предвидени се неколку инфоточки со екрани чувствителни на допир, каде што ќе може да се добијат интересни информации поврзани со Тоше. Ќе има и таканаречен систем за дигитален отпечаток, кој претставува стаклено платно со димензии 2х2м, исто така чувствително на допир. Тој ќе проектира соодветна интерактивна содржина и информација според желба на посетителот.
Во спомен-домот ќе биде изложена и облеката што Проески ја носеше на своите настапи, наградите, признанијата, но и неговиот автомобил.
Автори на проектот покрај Спасеновски, се и архитектите Илија Божиновски и Дејан Секуловски.
Студот во Крушево ги отежнува градежните работи
Спомен-куќата почна да се гради на иницијатива на Министерството за култура и на Владата на РМ, со цел да се зачува ликот и делото на најголемата македонска музичка легенда Тоше Проески.
- Нејзиното пуштање во употреба пред с` зависи од временските услови. Ако тие се поволни, изградбата ќе напредува поинтензивно и може да биде отворена за посетителите на 25 јануари, денот кога е роден Тоше, што е наша голема желба. Меѓутоа, Крушево е место со изразено студена клима и големи снежни покривки кои се фактори што ги отежнуваат градежните работи - велат од Министерството за култура.

Извор: Дневник
--- надополнето ---




