Новите армиски униформи со елементи на дедо Илјо Малешевски
Ирина Гелевска Коментари (0)
05.12.2010 16:41
По ветените нови униформи за војниците по терк на американските, кои се уште не се шијат, зошто пропадна првиот тендер за платно, сега и гардистите на АРМ добија ветување за нови униформи.
Идејните решенија на дизајнерскиот тим имаат
елементи на античката македонска фаланга и војводите како дедо Илјо Малешевски.
„Ова за мене е врвот во она што се вика дизајнерска кариера, како еден Армани, што ја има честа да ја работи гардистката униформа на Италија, односно познатите карабињери“, вели Александар Ношпал, моден креатор.
Во лето, гардистите на АРМ се онесвестуваа во своите сегашни униформи скроени од дебело платно. Сега со предложените нови униформи, ќе имаат проблем со облекувањето поради многуте детали, кои според дизајнерот се одраз на регионот, па и со елементи од соседна Бугарија и Грција.
Својот суд за изгледот на новите униформи за гардистите ќе можат да го кажат и граѓаните.
„Поаѓајќи од примената на овие униформи, сакам да ве информирам дека во периодот што следи истите ќе бидат достапни на увид на секој што сака да ги види и да даде дополнителни предлози за нивниот изглед“, рече Зоран Коњановски, министер за одбрана.
Предвидени се церемонијална, свечена и празнична униформа. Церемонијалната униформа гардата треба да ја носи при смена на државното знаме, свечената за дочек на високи гости, а празничната за време на државни празници.