Според регионалните извештаи, Романија и Бугарија, кои последни влегоа во Европската унија, се наоѓаат и на последните места во Унијата според просечната најниска плата која во Романија изнесува 114 евра, додека во Бугарија таа се движи на границата од 92 евра.
Во зависност од висината на исплатените плати, членките на Европската унија се категоризираат во три групи. На првото место како најголема , а најниско одредена плата се наоѓа Луксембруг, каде што минималецот изнесува 1.570 евра, а во Ирска тој изнесува 1.403 евра. Нешто понизок минималец се исплатува во Велика Британија, каде што работниците месечно можат да заработат минимум 1.361 евро, а Холанѓаните земаат минималец во висина од 1.301 евро.
Веднаш по "најбогатите" работници во Европа, следуваат Португалците кои месечно заработуваат најмалку 470 евра, во Малта земаат плата од 585 евра, додека Шпанците имаат просек од 666 евра. Покрај Романија и Бугарија, во најдолната група на исплатен минималец се наоѓаат и Чешка, каде што најнискиот личен доход изнесува 288 евра, Унгарија со 258 евра, Полска со 246 евра, Естонија со 230 евра. Во Словачка најнискиот личен доход изнесува 217 евра, а во Литванија и Латвија, 174 евра односно 172 евра.
Најнискиот личен доход во Австрија, Данска, Финска, Германија, Италија, Шведска и Кипар е регулиран со колективни договори во различни дејности. Македонија според просечниот исплатен личен доход од 330 евра се наоѓа пред неколку земји членки на Унијата.