[FONT="]
Бидејќи катадневно од страна на „оние кои ја спознале вистината“ (а всушност отпаднале од истата) и кои себе си се нарекуваат вистински христијани, јавноста (членовите на овој форум) се бомбардирани со „факти“ (само ним познати) кои „укажуваат“ на тоа дека Источната Православна/Ортодоксна Црква е всушност паганска т.е. практикува обичаи и верски ритуали кои се блиски на паганските и идолопоклонски верувања, чувствував потреба од следното појаснување. Иако кратко, се надевам дека ќе биде доволно за почеток, да даде една друга, поинаква слика за искривоколчената вистина од страна на оние кои во недостаток на аргументи за своето отпадништво од Едната Света Соборна Апостолска Црква, пишуваат произволни толкувања на нештата, поткрепени со ништо освен личната суета.
За иконите: Сите како аргумент против употребата на иконите ја имаат втората Божја заповед дадена на Мојсеј која гласи: „Не прави за себе идол, ниту некаква слика, на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата, под земјата, немој да им се поклонуваш ниту да им служиш“. Имено, тоа значи дека не треба да се прави слика (идол) од нешто што е „горе на небото“ (ѕвезди, месечина, сонце, облаци громови, птици и сл.), „долу на земјата“ (теле, коњ, крава, бик и сл.), „во водата“ (риби, китови, школки, ракови и сл.) и „под земјата“ (кртови, црви и тн.). Тоа е всушност заповед која пред се' имала за цел да ги одврати незнабошците и идолопоклониците кои во тоа време обожувале такви видови на идоли да престанат со тоа, а да се обратат кон Единиот Бог. Но, при заповедите кои Бог му ги дава на Мојсеј околу изработката на скинијата (молитвениот дом) од каде Бог ќе му се јавува на Мојсеј и изработката на ковчегот на заветот, меѓу другото вели:„..направи два херувима (ангелски чин) од злато, ковани направи ги и постави ги на двата краја од капакот, направи херувими, еден од едната, а друг од другата страна на капакот, направи ги херувимите на обете страни од очистилиштето“ (2Мојс. Исход 25, 18-19) ; „...И направи завеса од сина, пурпурна и црвена волна и пресукан лен, и на неа нека има уметнички извезени херувими“ (2Мојс. Исход 26,31). Потоа, нели Словото Божјо беше пратено во утробата на Дева Марија во облик на човек, кој може да биде насликан, па затоа најважниот уметнички израз на Воплотеното Слово е „иконографијата“. Кога Словото Божјо во облик на книга, писмо (Свето Писмо), „калиграфијата“ или вокнижувањето на Словото Божјо не е идол, тогаш зошто иконографијата т.е. сликањето на Словот Божјо би било идол ? И за крај, околу иконите, православните христијани не им се поклонуваат на иконите, на материјата (дрвото и сл.) туку да Словото Божјо. Тие служат да не потсетат, да ни го прикажат Словото Божјо или некој важен настан од христијанството.
За темјанот: за употребата на темјанот можеме да најдеме докази низ целата Библија, нормално доколку сакаме и побараме. Бил употребуван за време на богослужбитена Израелскиот народ во целиот старозаветен период. Захариј го употребувал во Новиот Завет кога архангел Гаврил му се јавил (Лука 1,9-10). Му бил принесенна Младенецот Исус Христос од страна на мудреците (Матеј 2,11), а се употребува и во небесното богослужење (Откровение 5,8; 8,5).
За моштите: Моштите се останки од личност за која е докажано дека живеела свет живот. Светоста доаѓала од Светиот Дух, Кој го осветува целото битие на личноста, душата и телото, бидејќи телото исто така ќе биде воскреснато (1Коринтјани 15,22). Светиот целив е даден како заповед во Светото Писмо, како знак за почит и братољубие (Римјаните 16,16; 1Коринтјани 16,20). Поклонувањето, павењето метании не е секогаш чин на обожување, туку исто така и на обична почит, како кога Авраам им се поклони до земја на синовите на Хет (Битие 23,7). Значи, целивањето и поклонувањето на иконите и моштите не е секогаш знак на идолопоклонство, туку може да биде знак на почит и чествување на делото на Воплотувањето (во случај на иконите) и на дело на осветување од Светиот Дух (во случајот на моштите). А за исцелителната моќ на некои од моштите имаме доказ во Библијата:„И ете, додека некои луѓе погребуваа еден човек, таму видоа разбојници, па го фрлија мртовецот во Елисеевиот гроб, и тој, како што падна, се допре до Елисеевите коски, оживеа и се исправи на нозете свои“ (4Царства 13,21).
За светителите и молитвите кон нив: Светителите се „духот на восовршените праведници“ и тие се живи во Новиот Ерусалим (Евреите 12,22), бидејќи оние кои веруваат во Христос се живи иако умреле (Јован 11,25). Тие се членови на истата Црква Христова, па така ние сме соединето со нив во Христос преку Светиот Дух. Така, ние сме браќа во верата со нив. Браќа и сестри во верата може да се молат за други браќа и сестри во верата.(Колосјани 4,3; 2Солунјани 3,1; Евреите 13,18) Тука всушност не се работи толку за „молитви кон светителите“ што се практикува од страна на Црквата, туку за молитви кон Бог заедно со светителите, бидејќи тие се се' уште живи и ние сме во единство со нив и ги молиме да Му се молат на Бог за нас. Така, воспоставено е вистинсо христијанско единство меѓу членовите на едната Црква во Христос и на небото и на земјата (Ефесјаните 1,10). Значи, нема тука ништо идолопоклонско ниту небиблиско во единството со светителот во молитвата.
За молитвите за умрените: Во Библијата е забрането молењето кон умрените (некроманија, медиумство, спиритуализам, како и сите видови на окултизам) (5Мојс. Второзаконие 18,9-12). Молитвите КОН БОГ за умрените во форма на помен немаат ништо заедничко некроманијата, медиумството, спиритуализмот и окултизмот, туку се знак на надежта на Црквата дека починатите во Христос не се фрлени во заборав и изгубени, туку се' сеуште живи во Христос.
За ословувањето на свештениците со отец: Свештеникот е духовен отец (татко) на својата паства преку Евангелието (1Коринтјани 4,15) и светиот Апостол Павле секогаш го нарекуваше својот ученик Тимотеј „вистински син“ (вистинското чедо) (1Тимотеј 1,2). Бидејќи членовите на Црквата се духовни чеда на свештеникот во Црквата, а свештеникот е духовен отец(татко) на паствата, не е правилно тој да се нарекува брат или по име, туку е логично да се нарекува „отец“.
[/FONT]