Според мене смислата на постоењето е индивидуална за секоја единка. Имам читано книги во кои се зборува токму за бесмислата на постоењето и на животот, но што постигнуваме ако гледаме рамнодушно и незаинтересирано на таквото сознание? - Само денгубење.
Мојата смисла на постоење се трпките на моето тело при допирот и контактот со моите најмили и најсакани нешта; морниците по мојата кожа при соочување со нештата кои ме повредуваат; енергијата која излегува од мене, поттикната од лошо поминатиот ден; возбудата со која ги гасам ѕвездите во доцните ноќни часови, со надеж дека после изгревот на сонцето се ќе биде поинаку, се ќе биде подобро од вчера... И секое и едно чувство, секое и едно сетило зариено длабоко во мојата душа... сржта во мојата крв - Да не дозволам да изгасне толку брзо како пламенот од свеќата меѓу студените ѕидови на Големата црква.