МОЈА РЕЛИГИЈА
Постои една анегдота: Руски астроном и руски неврохирург расправале за религијата.
–Астрономот рекол: „ Многупати сум бил во вселената, но никогаш не сум ги видел ниту Бог ниту ангелите“, а на тоа неврохирургот одговорил: -„Многупати сум оперирал многу умни мозоци, но никогаш не сум видел ниту една мисла, но тоа не докажува дека мислите не постојат“.
Оваа анегдота може да не натера да размислиме како ние самите ги градиме нашите погледи и сфаќања во врска со религијата. Не тера да размислиме која е нашата религија, во што веруваме, што има во нашата потсвест!?
Мислите постојат иако не можат да се видат во нашиот мозок, но дали навистина постои некој Бог и ангели?! Или ние самите си ги создаваме тие Богови и ангели и почнуваме да веруваме во нив, ги возвишуваме и ги правиме толку вистинити и живи, со цел на некој начин да бидеме заштитени , да веруваме во нешто што ќе ни помага, нешто што ќе не исполнува духовно, нешто што е наше обележје.
Ова размислување ме наведе да кажам нешто за мојата религија. Моето прво прашање што си го упатив сама на себе беше: „Дали јас сум христијанка?“ Одам во христијанска црква, ги славам христијанските празници, а тоа е дел од христијанската религија! Но, не постои нешто каде е запишано дека јас сум христијанка. Сите тие ритуали и обичаи ги правам бидејќи така ми е наложено. Тоа го прават сите околу мене.
Но кога ќе размислам подобро...постои нешто друго што јас би ја нарекла моја религија.
Она во што јас потсвесно верувам, нема Бог, нема ангели, тоа е нешто би го опишала како некоја виша сила, нешто што истовремено е толку многу големо и толку многу мало. Се наоѓа во секоја клетка од моето тело, се наоѓа во секоја честица во вселената.
Некоја сила, некоја моќ, невидлива, а присутна, во некои моменти дури и опиплива.. Нешто што ме контролира и ме води низ животот, нешто што во секој момент е со мене.
Кога кажав дека мојата религија, моето верување е нешто истовремено и големо и мало, го има во целата вселена, а истовремено живее и во мене и има моќ, моќ како на пеперутка која само со еден свој замав на крилјата може да предизвика тајфун на спротивната страна на светот ... сето ова е едно мое сфаќање за религијата.
Најверојатно мојата мисла е мојата религија!