Да се вратиме на темата...
Астронаути против Обама
Во отворено писмо до Барак Обама, Нил Армстронг порача дека откажувањето од мисиите на Месечината е уништувачки потег, кој многу веројатно ќе ја направи американската вселенска програма "просечна."
Првиот човек кој што стапна на Месечината, заедно со командантот на неуспешната мисија, Аполо 13, како и Џин Семан, последниот Земјанин кој бил на Месечината, отворено го изразија своето негодување со одлуката на Обама да го скрати буџетот за неколку големи проекти на НАСА.
"За САД, земја која што водеше на полето на вселенското истражување во последните 50 години, да остане без транспорт во ниската Земјина орбита и без човечки истражувачки капацитети надвор од истата на неодредено време, подразбира дека ризикуваме да се симнеме на второто или третото место во вселенското истражување," стои во писмото.
Обама ќе ја откаже програмата "Соѕвездие," по која до 2020-та човекот повторно требаше да чекори по Месечината, додека според планот, до 2030-та Американците требаше да бидат на Марс. Откажани беа и ракетите Арес. Двата проекти беа развивани преку 6 години, а чинеа околу 9 милијарди долари.
Баз Олдрин, колегата на Армстронг и вториот човек што стапнал на Месечината, го подржува планот на Обама и смета дека е одлична идејата САД да инвестираат во развој на т.н. вселенски такси возила, кои ќе ги пренесуваат американските астронаути до Меѓународната вселенска станица.
"Претседателот храбро одлучи да ги пренасочи вселенските планови на нашата земја и да ги оттргне од глупавата, недоволно финансирана трка кон Месечината," изјавил Олдрин, кој и порано ја критикуваше "Соѕвездие."
Писмото на Армстронг, доаѓа само неколку дена пред говорот на Обама во Вселенскиот центар Кенеди во Флорида, каде што претседателот треба да ги објасни причините зад паузирањето на "Соѕвездие," и да го презентира новиот "храбар курс" на НАСА.
"Големината на Америка е во нејзиниот народ. Оваа земја секогаш ќе има мажи и жени кои се подготвени да летнат со ракети кон небото. Предизвикот на Америка е да излезе во пресрет на нивната храброст и волја со специфични планови и цели, кои ќе бидат соодветни на нивната посветеност," продолжува писмото на Армстронг, кое го потпишале вкупно 27-астронаути.