УШТЕ ЕДНА ДОСЕГА НЕПОЗНАТА ПЕСНА ЗА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ
Сведоштво за, до неодамна непозната македонска народна песна, посветена на царот Александар Македонски среќаваме во фолклорната збирка на егејскиот Македонец Димитар Поп-Димитров (кој, во моментов кога ги пишувам овие редови, живее во своето родно село Цакони во околината на Воден). Овој деец со години собирал македонски народни умотворби низ повеќе градови и села на Егејскиот дел на Македонија. Меѓу ваквите творби била и песната за царот Александар Македонски, која му ја испеал 84-годишниот егејски Македонец Танас Марков. Дел од песната гласи:
Стани, стани Александре Македонски
за да видиш како твоите синови
се борат за Македонија...
Инаку песната била мошне долга и траела околу петнаесетина минути.
Во еден од претходните броеви на Македонско Сонце исто така објавивме до неодамна пошироко непозната македонска народна песна за Александар Македонски, која била позната во Пиринска Македонија. Песната ја пренесовме од писателот Славе Македонски, кој истата ја слушал уште како мал од својата неписмена мајка. Истата песна биле пеена и од еден стар овчар на Пирин Планина.
Во македонскиот весник Народна Волја (Благоевград, 1996) е објавена и македонска народна приказна за царот Персеј.
ПРЕДАНИЈА ЗА АЛЕКСАНДАР И ЈУСТИНИЈАН
Во Зборникот на браќата Миладиновци во поглавието Преданија како прво по ред стои запишано преданието за Александар Македонски. Истото е насловено Цар Александар и гласи:
Цар Александар сакаше да ходит да земит бесмртна вода. Но кој одеше, никој не се врашчаше назад; зашчо дури да стигнит некој до неа, требаше да патуват три дни се во ношна темнина, во која љугето се заскитвеха и не можеха да се вратат на бел ден. Цар Александар зеде со себе си кобили и ждребина. Во темнината врза кобила; и в растојање шчо можит да се чует гласот, врза ждребе; потамо кобила, после ждребе, и така подалеку дури стигна до бесмртната вода, која стоеше меѓу две планини, кои се отвораха и затвораха. Тој со голема брзина нацрпи едно шише и по гласовите од кобилите и ждребината, кои ржеха, находваше патот и така се врати на бел ден. Шишето остави на прозорецот за да се напие утрината во недеља; и нарача на сестра му да вардит, да не некако истурит бесмртната вода. Сестра му метеешчем не догледа и скрши шишето. Цар Александар кога чу това, страшно се наљути, а сестра му, избегвеешчем љутината негова, се фрли в море и се престори делфин, кој, кога чует Александровото име, се криет во морските глобини.
Благодарение на г-дин Љубе Панов (р. 1938) од Велес, објавуваме уште една варијанта на ова предание. Ова преание г-дин Панов го запомнил од својата мајка Васка Јолевска Панова (1913-1980), родена во Битола, а мажена во Велешко. Истото го пренесуваме на македонски литературен јазик:
Господ создал луѓе со различна боја на кожата. Ова Господ го направил пред Потопот. На белците Господ им го пратил својот син, што се викал Македон и сите белци отпрвин се викале Македонци. Подоцна најпознат цар на Македонците бил Александар Македонски. Тој еднаш пронашол бесмртна вода и ја дал на сестра си да ја чува и да внимава да не се истури. Но, таа кришум се напила и водата се истурила. Плашејќи се од лутината на брата си се фрлила во Егејското Море. Но, бидејќи не можела да умре, наеднаш се престорила во половина риба, половина девојка. До ден денес кога парабродите минуваат оттаму, плашејќи се да не ги преврти, луѓето од парабродите на сет глас викаат: “Жив е Александар!”. Така ја плашат сестра му на Александар и таа бега од нив, а парабродите безбедно заминуваат.
Инаку, во Зборникот на Миладиновци, веднаш по преданието за Александар Македонски е објавено и предание за царот Јустинијан, кој иако бил римски цар, по потекло бил етнички Македонец. Впрочем, доказ за ова е и ова народно предание, кое браќата Миладиновци го сместиле како второ во поглавието за Преданијата, што зборува за нивната почит кон овој цар, без разлика што во нивно време, странските пропаганди, правеле се што е можно за да го оневозможат националното себесознавање на етничките Македонци. Наспроти нивните еднострани и фалсификувани податоци за нашата историја, како цврст бедем и можеби единствен светилник во тоа време стоел нашиот народен фолклор, кој во себе непогрешливо ги апсорбирал само поистакнатите македонски владетели или пошироко познати дејци и како такви ги пренесувал од поколение на поколение.
Преданието за Јустинијан е поврзано со настанокот на името на градот Охрид и, според ова предание, името на овој наш град го дал токму царот Јустинијан. Преданието гласи:
Вељат че, кога се правеше охридската крепост, Јустинијан се качи на ридовите на кои лежит градот и, гледаешчем прелепото месотположење, извика:” Ох рид”, т.е. “ох, каков хубав рид!” И од тога стана да се вика градот Охрид.
Во Зборникот на браќата Миладиновци се застапени и народни творби поврзани или посветени и за: Марко Крале,Свети Климент, Свети Наум и други истакнати Македонци од нашето подалечно минато.
НЕМА ГРЧКИ, СРПСКИ И БУГАРСКИ ВЛАДЕТЕЛИ ВО НАШИТЕ НАРОДНИ ТВОРБИ
Секако дека постојат и други македонски народни творби посветени на нашите предци античките Македонци, што доволно јасно зборува за етничката припадност на создавачите на нашите народни творби. Овде само по себе се наметнува прашањето: Ако на пример, Македонците биле Грци, зошто тогаш не постои ниту една македонска народна творба посветена на кој и да било грчки крал, антички јунак или каков било друг грчки деец, кој би бил опишан како наш?
Понатаму, не постои ниту една македонска народна творба во која кој и да било српски средновековен крал или цар (на пример, Свети Сава, Милутин, Лазар, и другите, а така е и со српските учесници од Косовската битка или од српските востанија) би бил опеан или опишан како наш. Од поновите српски владетели опеан е само кралот Александар Караѓорѓевиќ, но во крајно негативна конотација, т.е. опеан е во песна посветена на атентатот врз него, извршен од деецот на ВМРО Владо Черноземски.
Во македонскиот фолклор не постои ниту една народна творба посветена и на кој и да било бугарски хан, цар или каков било друг бугаро-азијатски болјар, кавхан и слично. Едноставно,не постои ниту една македонска народна творба во која Македонците се повикуваат на традицијата на Бугарското паганско царство на чело со турко-монголските бугарски ханови: Кубрат, Аспарух, Кардам, Цок, Диценг, Телец, Телериг, Умор, Токту, Паган, Омуртаг, Винех, Кубрат, Аспарух, Кубер и другите, кои денес во Бугарија се слават како првите етнички предци на денешната бугарска нација. И не само тоа. Во македонскиот фолклор не постои ниту една народна творба посветена и на средновековните бугарски владетели: Асен, Петар, Шишмановци и други, па дури не постои ниту една македонска народна творба посветена за бугарските цареви и од т.н. Трето бугарско царство (Александар Батенберг, Фердинанд, Борис), во која овие цареви би биле споменати како наши цареви. Или, попрецизно е да се каже дека последните бугарски цареви во македонскиот фолклор сепак се застапени во некои песни, но само посредно, и тоа како цареви кои, заедно со српските владетели, сакале да ја освојат Македонија. Тоа го илустрира и фрагментот од една македонска народна песна:
Два орла се бијат
горе на небото.
Две ми реки течат
долу на земјата.
Два цара се бијат
за Македонија.
И додека во македонскиот фолклор не постои ни една народна творба посветена на грчките, српските и бугарските владетели (во која тие би биле опишани како наши), видовме дека постојат бројни македонски народни творби посветени на претходните античко-македонски цареви. Добро знаеме дека фолклорот на секој народ има длабоки корени во етничкото минато на тој народ, па во тој контекст треба да се гледа и на овде изнесените факти.
ЦАРОТ САМОИЛ ОПЕАН ВО ИЛИНДЕНСКИОТ ПЕРИОД
За чувството на брилијантно детерминирање на вистинските македонски предци и цареви од страна на македонскиот народен пејач, ќе посочиме уште подрастичен пример. Имено, како македонски цар бил опаен дури и царот Самоил (а за легендите од неговото време и да не зборуваме). Во врска со ова ќе презентираме извадок од една македонска народна песна (настаната околу илинденскиот период). Во оваа песна народниот пејач се повикал на традицијата на Самуиловото Царство:
... Нека разбере цела Европа,
па ако сака и сам султанот:
Тука живеат сe Македонци,
на Самоила славни потомци...
И ново царство ќе основаме
над таа клета тиранија.
Гледаме дека во свеста на македонскиот народен пејач од илинденскиот период, сосем јасно Самоил бил сметан како македонски цар, а Македонците за негови потомци. Поради ова, до странските пропагандисти се наметнува уште едно прашање: Ако царот Самоил бил бугарски цар, како можело да се случи, од сите тогашни бугарски цареви, единствено тој да биде опеан од македонскиот народен пејач и тоа како предок на Македонците? Зошто не постои ниту една македонска народна творба за неговиот (според бугарската пропаганда) претходник - бугаро-турко-монголскиот цар Петар или за неговите наводни наследници - средновековните бугарски цареви Асен, Петар, Калојан, Шишмановци и другите?