Повторно наидуваме на одличен запис на македонски јазик од 16-от век, благодарение на еден наш форумски член Благојче:
Македонскиот јазик во речениците од 16 и 17 век на Хиеронимус Мегисер
Hieronymus Megiser (Хиеронимус Мегисер) (1554/55 – 1618) - е германски учител, филолог, картограф и историчар. Познат во книжевната историја на Словенија и Хрватска како прв кој напишал речник каде нивните јазици се споменуваат заедно со латинскиот, германскиот и италијанскиот. Х. Мегисер е роден кон крајот на 1554 или 1555 во Штутгарт. Од 1571 до 1577 тој студира во Тубинген, кај познатиот хуманист и филолог Никодим Фришлин. За време на студирањето станува близок пријател со Јуриј Далматин. Во 1581, по залудно пребарување за наставна позиција во својата татковина, со помош на Питагорини Далматин тој добива работа како тутор, приватен учител во Фужине во близина на Љубљана. Во 1582, Мегисер студира право во Падова, а од 1584 до 1588, тој повторно станува приватен учител на младите благородници, Јакоб и Карл Шисел и Јуриј Хартман фон Штатенберг. По интензивните истражувачки патувања во 1588 и 1589 година во Италија и Малта, тој се населил во Грац. Набргу потоа, во 1591 патува во Англија, Холандија и Германија. За време на своите патувања ја проучува историјата на народите, картографијата и астрономијата, а за своите достигнувања на ова поле назначен е за „професор по историографија“. Се запознава со со познатиот астроном Јохан Кеплер, а научниот интерес ги зближува и стануваат добри пријатели. За време на своето патување во Германија, околу 1593 година се оженил со ќерката на Јохан Спаис кој имал своја печатница во Франкфурт на Мајна, каде извесно време и живее. Потоа следните години, од 1593 до 1601 година, ги поминал во Целовец (Клагенфурт) како директор на протестантско училиште. По заострување на односите со католичката црква, како протестант Мегисер бил принуден да го напушти Целовец и се вратил во Франкфурт на Мајна. Работел како професор по историја на Универзитетот во Лајпциг. Поради потребите на Горна Австрија, на нивно барање, во 1613 година тој се преселил во Линц, каде што како професионален историчар работел како директор на градската библиотека. Во периодот кога заострувањето на Католичката црква и протестантите го доживува својот врв, Хиеронимус Мегисер умира во 1619 година.
Хиеронимус Мегисер живее и работи во исклучително бурно време кога под влијание на италијанскиот хуманизам од 15 и 16 век, интелектуалните сили во Западна и Средна Европа се бунат против средновековните догми и духовната сиромаштија која ја донело средновековното христијанство и бараат црковни реформи во Католичката црква. Протестантизмот како движење за реформа на црквата, периферно ги зафатил Балканските народи што биле под Австриската империја. Во овој период протестантите од Хрватска и Словенија морале да бегаат во Германија. Истовремено во Германија пребегнуваат и многу лица од териториите кои се под турска окупација, меѓу кои и Македонци.
Сите овие пребегнати лица кои нашле заштита, како туѓинци во Германија, се чувствувале како синови на еден Балкански народ.
За да можат да го ослободат Балканот од средновековната зачмаеност под стегите на католичкото свештенство, како и од турското роство, на балканските бунтовници им била потребна поткрепа од широките народни маси. Меѓу нив се развива илирската идеја за формирање на еден општобалкански јазик „илирски литературен јазик", што требало да биде разбирлив за сите балкански народи, и основа за нивно поврзување, како и за создавање на еден единствен Илирски народ. За таа цел во Urach близу Tubingen основале илирска печатница, каде што печателе протестантски книги наменети за целото балканско подрачје од Трст до Црно Море. Книгите биле печатени со кирилица, латиница и глаголица. Идејата за балканско културно-политичко единство никогаш дототаш не била поставена врз така јасна, конкретна и цврста акциона програма. Мегисер како интелектуалец, филолог и протестант, уште за време на своите студии во Тубинген, а подоцна за време на својот престој и работа во Фужине и Грац добро се запознава со балканските јазици.
Времето на студиите на Хиеронимус Мегисер во Падова, како и неговите истражувачки патувања низ Италија, Малта, Западна Европа, како филолог, историчар, картограф и астроном, се совпаѓа со период кога под влијанието на италијанскиот хуманизам, се повеќе се шират класичните науки и се враќаат античките вредности, се проучува античката историја и филозофија, грчкиот јазик и сл.
Во овој период кога Хиеронимус Мегисер ја истражува историјата на Римската империја се повеќе оживуваат спомените за силното старо царство на Александар Македонски, а се појавуваат заборавените антички имиња на Македонија и Илирија. Се печатат картите на александрискиот географ и астроном К. Птоломеј (II век), во кои границите на Македонија биле прилично точно одбележани. Подоцна и основачот на модерната научна картографија Герардус Меркатор (1512—1594) ја изработил и првата карта на Македонија, која била испечатена во Дуизбург во 1589. Во овој период, меѓу 1584 и 1594, во балканската хералдика се појавува и првиот грбовник на Петар Охмучевиќ, во кој се појавуваат и грбовите на Македонија и Илирија, чии имиња не само што се споменуваат, туку се истакнуваат на видно место. Во овој период името на Македонија станува популарно не само за учените луѓе од Западна Европа воопшто, така и за учените луѓе од Хрватска, Босна, Далмација и Дубровничката Република посебно.
Хиеронимус Мегисер е непосреден сведок на времето, кога се работи на обединување и создавање на движење на балканските христијани против Турците. Папата Климент VIII во 1592 година сакал да создаде сојуз против Турција, во кој би влегле Шпанија, Австрија, Полска и Русија. Во овој период Петар Ангел, од Солун, кој бил протеран од Турците, бара од германскиот владател, Рудолф да го застапува кај Папата за да го заштити, потоа христијанска помош од надвојводата Фердинанд Хабзбуршки и Папата бара Охридскиот архиепископ и патријарх Гаврил, како и охридокиот патријарх Атанасија кој стапува во врска со Шпанците и со други европски владетели и им нуди да ги подигне балканските христијани. Во јули 1593 година албанските старешини му пишале на папата Климент VIII дека ќе ги побунат сите Албанци против Турците. На тоа писмо бил удрен печат со следниов напис: „
Ѕigillum Regni Macediniae еt Albaniae”.
Целокупното знаење Хиеронимус Мегисер, собрано за време на неговата истражувачка работа подоцна ќе се најде во неговите дела.
Издава повеќе дела од кои за балканските народи се посебно значајни речниците. Како филолог кој добро владее со германскиот, италијанскиот, латинскиот, јазиците на словените и други, тој ги издава двата речника:
„Dictionarium quatuor linguarum“ - Грац, 1592 г. и
„Thesaurus Polyglottus / Dictionarium Multilingue“ – Франкфурт, 1603 г.,
Во своите речници, Магисер за првпат го третира словенскиот јазик, под името илирски, подеднакво со германскиот, латинскиот, италијанскиот јазик и т.н. Овие речници, кога се работи за балканските народи се од ислучително значење посебно за Словенечкиот и Хрватскиот народ, но не помалку и за македонскиот јазик.
Во обидите за создавање на општ балкански јазик под општо име илирски јазик покрај словенечки и хрватски, често пати се сретнуваат и македонски зборови.
Така во своето своето дело „
Thesaurus Polyglottus / Dictionarium Multilingue“, кое е со многу различен формат од првиот, а каде главниот збор во секој случај е германскиот и латински јазик, а потоа вертикално со зборови во асортиман на јазици, за проблемите на толкувањето на зборовите во различен стил ("Prob einer Verdolmetschung in funfizig unteschiedlichen Spraechen"), прави дистинкција на четирите главни јазични матрици како: BOGE еквивалент на Бог, Боже (на словенски), GODT на германски, DEUS на латински и THEUS на грчки. На пример
на почетната страна каде го има Давидов псалм XXI кој гласи :
„Боже мој ,зошто ме остави„ и е преведено на 21 јазик од кој еден од тие јазици е и македонски јазик или поточно
makedonisch на германски и
makedonise на латин ски, се вели:
"Boge Boge moi vienimi,vesniu me ostavi".
Сепак првиот четиријазичен речник на Хиеронимус Мегисер„
Dictionarium quatuor linguarum“, објавен
1592 година во Грац, станува доста поинтересен при разгледувањето од аспект на појавата на грбовите на балканските народи на самиот почеток на книгата, меѓу кои и македонскиот, како и на употребата на македонски зборови.
Појавата на балканските грбови на мала минијатура, со кои го украсува речникот на самиот почеток, само најавува дека овде се работи на создавање на општ балкански јазик, што може да се види и од одбраните различни словенски зборови (најмногу словенечки и хрватски, потоа далматински, македонски и др.) како еквивалнтни на германскиот, латинскиот и италијанскиот јазик.
Овој четиријазичен речник започнува со германски збор, по што следи, латински, словенски и италијански јазик.
Ќе посочам неколку примери,
каде сметам дека се употребени македонски зборови, но сепак конечниот суд треба да го дадат македонските јазични експерти, како и хералдичарите за самата минијатура.
На пример: 1) superstitio – крива вера; 2) explicatio – излага; 3) vetus – стар, 4 senectus – старост< 5 vetula – стара жена, баба 6) cinis – пепел, прав
За жал кај нас многу малку се пишува или зборува на оваа тема. Се надеваме дека со ова дадовме еден мал допринос кон оваа проблематика или пак инициравме посистематично истражување во овој правец.
Автор:
Андонов Благојче
извор: Дражен Будиша „Старословенскиот наречен македонски јазик во 1603 година“
http://javascript:;