Сведмилк - МК стил
Кај познавачите на приватизациските модели има општа согласност дека ние сме меѓу транзициските земји во кои сопственоста се приватизира со најнизок степен на социјална правда, со најнизок степен на пазарни критериуми и со највисок степен на политизација и државна арбитрерност. Токму кога процутеа резултатите на моделот на „народен капитализам“ на Маргарет Тачер, според кој добар дел од работништвото се стекна со акции во денационализираните компании, ние сосем го уништивме работничкото акционерство
Случајот со „Сведмилк“ полека оди во заборав. Владата мие раце од тој случај бидејќи во прашање е приватна фирма, инвестиција, капитал. Банките - кредитори, сега, хипотекарно го поседуваат „Сведмилк“, но не можат да го активираат, што е чудно, бидејќи тие се сопственици, стопани, па би морало да се погрижат „Сведмилк“ веднаш да проработи. Инаку и ним им создава загуби. Чисто чудни работи. Менаџерот, Швеѓанец, одамна збришал од земјата, тој бил само „вработен“ во фирмата. Да е друг систем - веднаш би се погрижиле погонот да дејствува зошто инаку - тој рѓосува, се руинира, пропаѓа. Кај нас тоа не е така. Кај нас важи македонскиот модел на капитализмот, а во него денешните правила на капитализмот не важат. Важат оние од пред два века.
Инаку, да не е така, не би се случило група гамени, наводни бизнисмени, да направи конструкција вредна 30 милиони евра и по една година - да си ги измие рацете и да каже: извинете, имавме добра идеја, но немавме пари, а и сметавме дека суровината, млекото, бесплатно ќе ни доаѓа. Сметавме, имено дека овие кравари, млекари, овчари и други Македонци - ќе имаат разбирање, па бесплатно ќе не' снабдуваат.
Не би се случило ниту таа група „бизнисмени“ да го обезбеди дури и премиерот да им ја сече лентата. Но, тоа е така според правилата од пред два века. Драматиката и трагиката е вистина кај оние неколку илјади фармери-млекари што верувајќи и' на правната држава и на модерниот капитализам се испозадолжиле, купиле крави, си го вложиле сиот имот и однапред и без договори го снабдувале „Сведмилк“ - месеци и месеци - бесплатно. И потем - наеднаш, треба да кажат: Извинете, ви верувавме и што било - било, нека ви е со среќа. А, оно, илјади крави заклани, без цена, стотици и стотици фарми затворени, илјади семејства оставени без средства за живот.
Друга работа е целата штета за националната економија. „Сведмилк“ требаше да извезува, да придонесува девизно, да отвори индустриски работни места, да и' плаќа даноци на државата. Ништо од сето тоа. Фармерите и краварите на „Сведмилк“, протестираа и протестираа, даваа интервјуа, доаѓаа пред Владата. Не само од Скопје, и од Битола и од други места.. Никому ништо. Како пред два века - полицијата интервенирала. Ги викала на „информативни разговори’. Неверојатно. И никој да ги заштити. Кандидатот Фрчкоски за да добие некој поен се услика со нив и ептен многу им се стави во „положение“.
Една работа ми е многу чудна: зошто овие од „Сведмилк“, кравари, млекари, фармери - не го зазедоа и „влегоа во владение“? Зошто, наместо да се истресат пред Владата за да „протестираат“, не го зазедоа „Сведмилк“? Неодамна имаше вест од Франција дека тамошните работници на „Ла Фабрис“, на „Рено“ ја зазеле фабриката. Ништо не им се случило. Француската полиција не интервенира во индустриски спорови. Исто како и полицијата во најмногу од државите-членки на Унијата, во вакви спорови. Но, кај нас, капитализмот се' уште е во ембрионална или - пак во „транзициска“ фаза. Заштита на работничките права? Овие од „Сведмилк“, не се работници, за системот - тие се кравари! Во нашите синдикати - нема место за такви.
Но, не се синдикатите и полицијата виновни за тоа што фармерите и другите не ни се организирани и што вистина - не се партнер. Транзицијата кај нас - вистински го уби и го уништи малиот стопан, претприемач, дуќанџија. Млекарџиите од „Сведмилк“ се само симбол на завршницата на тој процес. Некаде во раните 90-ти кога се обликуваше нашиот транзициски профил, во Уставот, оној од 1991, се уреди така, сите видови сопственост да бидат со исти статус и права. Всушност сиот јавен сектор се подржави, а сиот задружен сектор се приватизира. Тоа беше далекосежна системска грешка. Потоа, државата на политички начин ја вршеше приватизацијата: приватниците, и сопственици и работници и земјоделци имаа само индивидуален однос со државата, главно преку политиката и партиите. Кај познавачите на приватизациските модели, има општа согласност дека ние сме меѓу транзициските земји во кои сопственоста се приватизира со најнизок степен на социјална правда, со најнизок степен на пазарни критериуми и со највисок степен на политизација и државна арбитрерност.
Токму во времето кога процутеа резултатите на моделот на „народен капитализам“ на Маргарет Тачер, според кој добар дел од работништвото се стекна со акции во денационализираните компании, ние сосем го уништивме работничкото акционерство. Тоа не го направија во Словенија, Унгарија, Чехија, во Полска или во балтичките републики. Во Унгарија, Полска задругарството, кооперативните здруженија, банки, штедилници, училишта - цветаат. Деновиве, од САД и во западна Европа доаѓаат информации дека претпријатијата со работничко учество во сопственоста - најмалку се погодени од рецесијата и кризата. Односно дека кај нив има минимален број отпуштања и прекини во производството. Љубљанско „Дело“, пред некој ден објави листа со такви успешни фирми во Унијата, меѓу кои се и гиганти како „Мондрагон“ и „Банка Билбао“ во Шпанија, „Џон Луис Партнершип“ во Британија, „Новартис“ и „Линд“ во Швајцарија, „Весталпин“ и ОМВ во Австрија, „Ефаж“ и „Сен Гобен“ во Франција и многу, многу други. „Дело“ заклучува дека работниците-сопственици се речиси гаранција за трајно дејствувачката економија.Доколку оние илјада „кравари“ на кои „Сведмилк“ им остана должник - го преземеа „Сведмилк“, сигурно е дека досега петпати ќе го оправеа. Ама, нашиот менталитет не е таков. Не мислам на индивидуалниот менталитет. Мислам на државниот и политичкиот.
Димитар Мирчев (Авторот е универзитетски професор)