Нема бегање од фактот дека Јунајтед има поголеми долгови и се надевам дека ако веќе крвопииве американски се решени по никоја цена да не си одат од клубот, тогаш подобро нека имаат ептен добар план како барем малку клубот да зацели во тој дел. Значи сме прв клуб што ја преминал границата од преку 100 милиони фунти профит минатата сезона и тоа со четврт-финале во ЛШ и нокаут во 3-тото коло од ФА Купот. Јас искрено оваа година очекувам тој профит уште повеќе да порасне, со надеж нели дека овие два мали кикса во пласманите во Европа и во домашните купови ќе бидат поправени плус на тоа се надоврзува и рекордниот спонзорски договор со АОН и влезот на некои светски корпорации како спонзори на клубот. Поентата ми е дека ние не треба да се плашиме дали клубот ќе работи профитабилно. Следната година тие профити и ќе се зголемат, а за жал шансата Глејзери да си заминат ќе стане помала. Прашањето е колку од тие заработени пари клубот ќе ги вложи во нови засилувања и дали ќе продолжи со убавите неделни плати на играчите.
Факт е дека Глејзери барем во следните 2-3 години (најмалку) ќе бидат во клубот. Воопшто не ми се допаѓа тоа, ама мислам дека во моментот активноста на фановите во борбата со нив е намалена и дека ќе треба многу посериозен напор за да се има некаков ефект. Најавено е вложување на 11.5 милиони фунти во нови капацитети на Керингтон што секако звучи ветувачки дека колку-толку ситуацијата ќе се подобри. Ќе имаме многу важен јунски трансфер период каде од клубот ќе се простат Гигс и Невил и со можност ВДС и Сколс да го сторат истото. Тоа значи дека ќе мора да се купат посериозни засилувања како нивни замени, плус оваа сезона ќе видиме дали Харгривс може целосно да се врати или веќе ќе не можеме сериозно да сметаме и на него, како ќе биде Валенсија кога ќе се врати по повредата, дали Керик ќе покаже дека вреди да го носи нашиот дрес. Сакам да кажам дека ни претстои помалку неизвесна сезона чија ситуација ќе треба да се набљудува од повеќе аспекти, а не само од финансискиот кој секако е еден, ако и најважен предуслов за сите останати.