КАЗНИТЕ НЕ ГИ ПЛАЌААТ, ПЛОМБИТЕ ГИ КИНАТ
Кафеанџиите посилни од инспекторите
Најголемата глоба за кафулињата, рестораните или за продавниците што немаат фискална каса или не издаваат фискалнасметка е до 1.500 евра, колку што е нивниот минимален дневен промет
Трговците и угостителите не ги почитуваат мерките за забрана за работа од државните инспектори бидејќи знаат дека нема да бидат ригорозно казнети. Нивното самоволие оди дотаму што не ги плаќаат ни паричните казни. Иако повеќе сопственици на обложувачници и на едно кафуле во изминатите две недели ги искинаа пломбите и ги отворија локалите пред рокот од 30 дена, досега само газдата на една обложувачница во Тетово е кривично казнет со
1.000 евра. Ниту тој ниту другите газди се' уште ја немаат платено глобата што на самото место им ја изрекоа даночните инспектори.
Најголемата глоба за кафулињата, рестораните или за продавниците што немаат фискална каса или не издаваат фискална сметка е до
1.500 евра. Толку е минималниот дневен промет во локалите во центарот на Скопје, а максимумот достигнува и до 10.000 евра, во зависност од големината и од местоположбата.
Судот во прекршочна постапка може да изрече дополнителна парична казна од 5.000 до 6.000 евра. За вработување работници на црно прекршочната постапка од Трудовата инспекција може да резултира со максимална казна од
4.000 евра. Дури и кога се кривично гонети поради кинење на пломбата, трговците и угостителите од судовите добиваат казни од околу
1.000 евра.
Во Управата за јавни приходи соопштуваат дека сопствениците на кафулето „Тренд“ во центарот на Скопје и на
над 50 тетовски обложувачници се' уште ги немаат платено казните од по 1.500 евра.
- Кога инспекторите во повторените контроли ќе утврдат дека пломбата е оштетена или скината, поднесуваат кривична пријава. Во тек е постапката за повторно затворање на „Тренд“ поради непочитување на претходната забрана - изјави Весна Новаковиќ, портпаролка во УЈП.
Вчера требаше да бидат пломбирани и пет локали во Куманово, кои беа контролирани од даночните и од пазарните инспектори во саботата вечерта. Во минатата недела беа затворени дуќани на популарната „пластичарска“ улица во Скопје. Во УЈП тврдат дека казнетите ја почитуваат забраната за работа.
- Во една продавница и надвор имало роба. По затворањето на објектот, сопственикот продолжил да продава надвор, а тоа не е во надлежност на УЈП - објаснува Новаковиќ.
Во Тетово, речиси сите затворени обложувачници ги скинаа пломбите. УЈП досега поднесе само пет барања за кривични пријави, од кои една доби судски епилог, а за три се води истражна постапка.
Трудовиот инспекторат ги има истите проблеми со фирмите. Од 14 кафулиња и ресторани затворени во минатата недела, повеќето работеа викендов.
- Или работодавците не се свесни што ги очекува ако го кршат законот и не ја почитуваат забраната за работа или не се плашат од правната држава. Нашите инспектори ќе ги посетат сите и на тие што работат и покрај забраната ќе им поднесат кривични пријави - вели Феџри Селмани, директор на Државниот трудов инспекторат.
Тој признава дека најголем проблем се малите парични казни што ги изрекуваат судиите.
- Во прекршочна постапка судот може да одреди максимална казна од 200.000 денари. Кога ќе се земе предвид колку се одолжуваат постапките, работодавците не ги ни чувствуваат казните - изјави Селмани.
Експертите се согласуваат дека благите казни придонесуваат за самоволното однесување на деловните субјекти.
- Лекот се брза судска постапка и ригорозни казни. Кривичниот закон за вакво дело предвидува високи казни, дури и затвор до три години, но судиите не ги изрекуваат. Работата на инспекторите е во ред, но нема доволна синхронизација со судовите - смета Владо Камбовски, професор по кривично право на Правниот факултет.
Според него, министерствата треба да извршат притисок за што побрзо да се донесат закони за одделни области (царина, полиција, трговија, угостителство), за каде што може да се предвидат поголеми казни за прекршителите.
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=F92179AE1A441747AE6FD7CE969A4A64
И одозгора сметаат дека казните се премали

срцки