Забраната за пушење предизвика војна меѓу скопските казина. Сопствениците на казината што ја почитуваат забраната обвинија дека власта толерира пушење, но само во едно казино, лоцирано во строгиот Центар на градот.
Со вакви обвинувања излегоа дел од скопските казина, а во нивно име зборуваше сопственикот на казиното „Вип“.
„Некој да е толку храбар и да застане позади секоја казна на секој негов муштерија, јас не можам да го сфатам тоа, претпоставувам дека има друга позадина“, вели Ванчо Зунзуровски, „ВИП“.
Забраната за пушење им го скусила прометот, но тоа дополнително ќе се одрази ако и натаму се толерираат оние што го прекршуваат законот.
Коцкарската страст се надополнува со чашка пијалак и цигара во рака. Во повеќето казина законот за пушење се почитува, па оние кои не ќе можат да запалат цигара, ќе заминат онаму каде што ќе може тоа да го сторат, бидејќи дел од казината тврдат дека законот за пушење селективно се применува.
Ваквите обвинувањата, но и сомнежи дека некој некого штити, стасаа само две недели откако забраната за пушење стапи на сила.
„Неколку пати е пријавено во Пазарна инспекција и се уште немаме никаков одговор добиено од нив“, рече Зунзуровски.
Од Пазарната инспекција велат дека немало селективен пристап. 160-те инспектори биле на терен низ цела држава.
Но, нема одговор дали ги добиле пријавите и зошто не направиле контроли во казиното во кое конкурентите тврдат дека пријавиле оти се пуши.
Неодамна токму Пазарната инспекција беше на удар за недоследно и селективно применување на законите, по што директорот Акимовски беше разрешен.
Новото привремено раководство тврди дека забраната за пушење се почитувала, а за петнаесет дена колку што е на сила, казнети се три лица и сопствениците на локалите во кои пушеле.