За сите оние кои УПОРНО И БЕЗ АРГУМЕНТИ НЕ УБЕДУВАА НА ТЕМАВА дека власта е загрижена за здравјето на граѓаните, бујрум:
„Мочковците“ пушат слободно
Една ноќна прошетка во градските кафулиња не увери дека Законот за забрана за пушењето не важи за „вмровските“ кафулиња - ако лаже новинарот, не лажат фотографиите направени токму во нив
Уште една прекрасна вечер за уживање во доброто кафе и во чистиот воздух во едно од нашите познати кафулиња. Како и секогаш, влегуваме на старото добро место, кое со ништо не може да не изневери.
Но, добиваш впечаток дека си во друга земја, изненадува чадот кој излегува од него, а знаеш дека не седиш кај тебе дома со гости. Токму вакво беше искуството на екипата на „Шпиц“, која прексиноќа направи мала турнеја низ скопските кафулиња, за кои некое време се шират гласини дека кај нив Законот за забрането пушење не се почитува.
Кремот е собран во Дебар Маало на Ленинова, во најцветното кафуле на зградата, која се идентификува со името на една позната новинарка, како никогаш да не бил воведен Законот за забрането пушење. Таму, во кафулињата за кои упатените велат дека се под заштита од власта, некои дечки, кои Бучко и Влатче, во својата непристојна собраниска полемика ги нарекоа мочковци, пушат слободно. Ништо подобра не е ситуацијата ниту во ноќниот клуб, кој се наоѓа спроти соборниот храм „Климент Охридски“, каде што секој што сака да пуши може да ужива, да вовлекува и да прави крукчиња и балетски пируети во воздухот.
Ако, пак, сте слушнале дека токму овој ноќен клуб е на близок соработник на премиерот Никола Груевски, тоа ќе ве направи уште поспокојни. Овде никогаш нема да влезе инспекција - инспекторите ги касапат „опозициските“ кафулиња.
Интересна е и ситуацијата во едно кафуле во близина на Млечен ресторан во Капиштец. Таму, во кафе-барот со најградско име, не важат ни градските манири, ни законот. Нашата екипа го посети и овој локал и не можеше да издржи повеќе од половина час, бидејќи тоа не е кафуле, туку пушална. За „мочковци“, јасно.
Пред само два дена, во Собранието, се прифати предлогот за измени на Законот за забрането пушење, предложени од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, со кој од 1 март до 1 октомври ќе може да се пуши само на терасите и во летните бавчи од рестораните, кафулињата, ноќните клубови и на плажите. Предлогот на опозицијата, со кој се бараше секој газда во кафуле со простор до 100 квадратни метри да одлучува сам дали ќе му биде непушачки или пушачки локалот, додека останатите да се поделат на пушачки и на непушачки зони, се отфрли.
Есапот е јасен: „вмровските“ кафулиња ќе ги собираат пушачите и ќе печалат, а другите - ќе попушат.
Извор