Интервју со Тони Зен - Рап музичар
Не се женам
Тони Петковски (26) познат како раперот Тони Зен, сака да спортува, здраво да се храни, ја сака девојката и мрази да зборува за приватниот живот. Моментно е на строга диета пред концертот летово во Антички театар во Охрид.
Вест: Кога ќе се одржи твојот концерт?
Тони: Концертот е закажан за 23 јули во Антички театар во Охрид. Намерно ја одбравме датата 23, бидејќи сакам во ист ден да го славам и мојот 27-ми роденден. Екипата со која постојано настапувам не ја менувам, па така и на мојот концерт со мене ќе настапат моите дечки: Слаткаристика, Скит Скитара и момците од групацијата "Токсикологија". Ќе пееме во живо, со придружен бенд. Концертот ќе се одржи во организација на мојата продукција "Симплисити" и "Јованов Рекордс".
Вест: Ова е твој прв самостоен концерт?
Тони: Кај нас нема мој или твој концерт, ние функционираме како екипа. Јас кај и да одам на настап тоа го сметам за наш заеднички концерт. Концертот на Слаткар си го сфатив како да е мој. Не е битно чиј е концертот, битно е да е максимално професионално сработено. Тоа е клучот за успехот.
Вест: Зошто кај нас раперите си гостуваат секој на секого во песна?
Тони: Тоа е така не само кај нас, туку секаде низ светот. Хип хопот тука ни е увезен, ние не го измисливме сами. Во хип хопот постојат екипи, екипите меѓу себе си снимаат заеднички песни, денес е Слаткар заедно со Тони Зен, утре Тони Зен заедно со Слаткар итн. Ние сме екипирани многу одамна и така функционираме. Нормално, екипите се менуваат секаде, па така е и овде. Денес сме заедно, утре можеби некој нов ќе се вклучи, а некој ќе замине. Еден ден си во оваа екипа, утре во друга екипа, сега сме заедно, а утре ќе се пцуеме меѓу себе.
Вест: Во твоите песни постојано навредуваш некого, употребуваш пцости. На кого тие се однесуваат?
Тони: Јас не се пцујам со никој, туку мојот гнев си го изразувам преку текстот. Вербална шлаканица си го викам јас тоа. Не се однесува тоа само на рапери, тоа може да биде и обичен човек од улица, директор или кој било друг. Сите оние безделничари на кои им пречи тоа што јас го работам, а они не се трудат нешто да сработат, да се покажат и да се докажат, едноставно само коментираат и јадат лајна, е за нив се наменети тие текстови од песните. Тоа е поентата на рапот, да го кажеш тоа што го мислиш, а некој во тоа да се препознае. Без имиња, индиректно и дипломатски. За мене тоа е уметност, кога со помош на афоризми и метафори ќе навредиш некого и тој ќе те сфати.
Вест: Тогаш кажи ми дали оние на кои се обраќаш се препознаваат во твоите текстови?
Тони: Па се препознаваат, повеќето се замолчени веќе. Јас порано сум имал многу повеќе хејтери, но сега имам многу повеќе фанови. Тоа е факт.
Вест: Дали мислиш дека го достигна врвот?
Тони: Јас сум скромен. И реален. Кај нас многу е лесно да бидеш на врвот во очите на другите. Доволно е да се појавиш со една песна, два спота и на врвот си. Многу малку луѓе сме, мал пазар е, лесно е да се промовираш и другите луѓе да викаат: "Еј овој е многу јак, на врвот е". Чувствувам дека се случија промени откако сум јас инфилтриран во естрадата. Сум постигнал многу, но со работа, со труд, па сум се искачил на врвот. Јас навистина работам и се трудам и продолжувам понатаму. Јас не сум од оние што велат "Готово, сега сум на врвот и доста е".
Вест: Беше на турнеја во Швајцарија. Се спрема ли некој настап повторно надвор од Македонија?
Тони: Да, се спрема турнеја низ Австралија, Канада. Имаме понуди, нè бараат. Но прво да ги завршиме концертиве тука и ќе тргнеме негде во октомври. Финтата е што во земјите каде живеат наши иселеници, најдобро минуваат фолк-пејачите. Ние сега градиме една култура меѓу младите генерации кои живеат таму, да се посветат на рап музиката, па после 20 години наместо фолк-пејачи на концерти да викаат рапери. Се знае, таа постара генерација која од Македонија заминала на печалба, тука растела со фолк и нив не можеш да им продадеш хип хоп. Но поентата е да ги опфатиме нивните синови и ќерки кои ќе растат со нашата музика. Тоа е мојата мисија. Да наметнам нешто што е стварно ок.
Вест: Си добил ли многу непристоен предлог од девојка?
Тони: Добивам постојано непристојни предлози, тоа е нормално. Добивам мејлови, пораки, слики, муабети од други, пораки преку ишарет. Добивам секакви понуди. Не знам кој е најнепристојниот предлог што сум го добил, но верувај, редовно добивам непристојни предлози од девојчиња.
Вест: Кога ќе се жениш?
Тони: Не се женам.
Вест: Лани девојка ти Ирина ја однесе во Бугарија на одмор, годинава со каков одмор ќе ја изненадиш?
Тони: Летово сум концентриран на работата, на концертот во Антички театар, по кој ќе следува уште еден концерт во Хераклеја во Битола. После сите обврски ќе ја носам негде, ама уште не знам каде.
Вест: И за крај, кога светот го зафати лудило од Светското првенство во фудбал, дали и ти си меѓу оние страсни фанови што ги гледаат сите натпревари и дали имаш фаворит меѓу тимовите?
Тони: Гледам фудбал, секој ден. Од секогаш сум навивал за Аргентина, верувам дека ќе стигнат во финале и ќе ја земат титулата.