Новата давачка за бензините ја вовела владата. Парите немало да слеваат во буџетот, туку во дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и деривати, ова е одговорот на првиот човек на дирекцијата, Елизабета Чингаровска.
Дирекцијата функционира како самостоен орган, но за својата работа одговара пред владата.
„Ова е надоместок кој што го донесува владата на Република Македонија и кој што е варијабилен. Значи зависи од повеќе фактори. Ова е, уште еднаш ќе повторам, согласно барањата на европските директиви за енергетика“, изјави Елизабета Чингаровска, директор на Дирекција за задолжителни резерви.
Чингаровска тврди дека воведувањето на овој надоместок не значи полнење на буџетот, туку растоварување, бидејќи до сега државните резерви се плаќале од државната каса. Сега новата давачка за бензините ја плаќаат нафтените компании за секој увезен или произведен литар, но и граѓаните на крајната цена.
„Ова е едно минорно влијание во цената на нафтените деривати, ако се има предвид и фактот дека е варијабилен надоместокот. Значи може да се менува согласно ефектот врз стопанството, врз граѓаните. Во тој случај можам да ви кажам дека апсолутно е минорно влијанието и врз граѓаните“, вели Чингаровска.
А1 вчера објави и пресметка, помножувајќи ја новата давачка на бензините со потрошувачката за 2008. Од супер бензин годишно ќе се собираат околу 1,7 милиони евра, од дизелот 1,2 милиони евра, а од мазутот 2,6 милиони евра.
Сумирано, на годишно ниво од новата давачка за бензините ќе се инкасираат 5,5 милиони евра.
„Пресметката на А1 не е точна, затоа што и не се земени во вид сите нафтени деривати на кој што се плаќа надоместокот на увоз и заради тоа не е точна пресметката. Може да биде и поголема“, рече Елизабета Чингаровска.
Експертската јавност сепак тврди дека државата ќе ќари од овој надомест бидејќи за секој продаден литар бензин таа добива пари од ддв.