Претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија Харалампие Хаџи-Ристевски и уште тројца високи функционери на ФФМ се кривично пријавени дека направиле криминал со донацијата на столчиња од германскиот град Нинберг злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластувања.
Според пријавата на Министерството за внатрешни работи, Хаџи-Ристевски заедно со Реџеп Беџети, Лазар Митрев и Амди Љатифи од ФФМ поттикнати од две лица иако добиле донација од 10 000 седишта од Нинберг преку Град Скопје, сепак направиле фиктивни документи дека ги купиле од фирмата на синот на Беџети, Дритон.
“ФФМ покрај оваа донација што ја добила од Град Скопје, аплицирала за донација од УЕФА со која што би набавила седишта за стадионите во РМ. Иако седиштата биле донирани од Град Скопје функционерите на ФФМ преку изготвување на фиктивна донација со парите добиени од УЕФА практично ги исплатиле овие седишта кои биле бесплатно донирани и парите ги префрлиле на фирма која што како сопственик се јавува и близок на еден од осомничените односно од поранешните функционери на ФФМ“, вели Иво Котевски, помошник министер за односи со јавност во МВР.
Засега, полицијата ги нема приведено осомничените. Котевски вели дека како ќе продолжи истрагата ќе зависи од истражниот судија. МВР најавува и уште една кривична пријава за Хаџи-Ристевски.