Македонците во Албанија со остри реакции побараа да се повлече албанскиот енциклопедиски речник на албанската Академија на науки и уметности, издаден пред неколку месеци.
Во него се тврди дека малцинствата во Албанија се дојденци на територијата на оваа држава.
„На вакви изјави секогаш имало реакции, не само од нас туку и од другите малцинства. За македонското малцинство постојано и упорно кажуваме дека не сме доселеници, ние сме автохтони на нашите огништа. Ние сме Македонци кои живеат онаму каде што живееле и нивните предци“, изјави Ефтим Митревски, главен и одговорен уредник на весникот на македонски јазик „Преспа“.
„За жал, албанската политика секогаш се служи со такви изреки. Јасно да им биде на сите да не се служат со тоа, ние сме граѓани на оваа држава и сме автохтони, а државата Албанија ни ги крати сите права. Топа за жал го нема никаде. Треба да живееме рамноправни“, додаде Митревски.
Со ова Македонците од Албанија се придружија на протестите и барањата на претставниците на грчкото малцинство во оваа соседна држава, за кои исто така во албанскиот енциклопедиски речник се тврди дека не се автохтони.
Грчкото здружение „Афирматори на нашиот идентитет“ ја обвинува Академијата на науките на Албанија за дискриминаторски и деградирачки однос кон грчкото малцинство, неговата историја, култура и придонесот за општеството и за албанската држава.