Она што ме изненади на самиот празник на независноста, беше хиперболизирањето на македонските економски проблеми, надополнето со сплет од шокантни заклучоци. Сето тоа во режија и интерпретација на поголемиот број електронски медиуми. Па така, деновиве од сите страни се слушаат некомплетни анализи, според кои, осумнаесетте години транзиција биле голема несреќа во споредба со „старите добри времиња“. Дека потребата од приватизација била дискутабилна. Дека транзицијата била голема неправда за обичниот човек-работникот итн. Заклучокот кој следи е многу јасен. Малку фалеше, па осми септември да испадне панихида на СФРЈ, а не роденден на самостојна Македонија.
Затоа, еднаш да го расчистиме митот за „старите добри времиња“. Оние што удираат по маса додека го бранат социјализмот, нека ми одговорат на следново прашање: Зошто во 80-тите имаше онолкава инфлација?
Кога се говори за куповната моќ на претходниот систем, како свесно да се одбегнува фактот дека таквата куповна моќ егзистирала само во 70-тите години. Никогаш пред, и никогаш потоа.
Државната интервенција, која се одвиваше паралелно со глорификацијата на личноста на Јосип Броз, не значеше само отворање стопански комплекси. Броз печатеше пари и за потребите на војската, спортот, но и за стопанските субјекти кои работеа нерентабилно. Речиси никој денес не ги спомнува политичките директиви на ЦК СКЈ од 70-тите и од 80-тите до сите стопански субјекти, за тоа колку работни места треба да отворат. Таквите директиви, кои денес се достапни на интернет, морало да бидат испочитувани без разлика на постигнатите резултати. Од тоа време останала и народната поговорка „клати врата, земај плата“. Фактички, тогаш е направен технолошки вишок од работни места кои исчезнаа во почетокот на приватизацијата.
Еден од најактивните производствени погони во тоа време, печатницата за пари во Топчидер, работеше активно со цел да ја задоволи „побарувачката“ која ја создаваа Броз и неговите економски планери. Но, инфлацијата во времето на Броз беше одбегнувана со кредити, па и со донации од „трулиот запад“. Беше тоа награда за политиката кон СССР, но и добар начин да се амортизира монетарната деструкција. Паралелно со печатењето пари во финансискиот систем беа пуштани и девизи, па курсот на динарот не беше драстично нарушен. Се сложувам дека таквото време било прекрасно за живеење. Од една страна продуктивноста по работник паѓа, бидејќи повеќе работници се ангажираат за истото производство, но од друга страна работниците добиваат редовен личен доход, разлики „К-15“, полутки и кашкавал од синдикатот, работнички одморалишта и што ли уште не. Бајките на Маркс и на Енгелс како да станувале реалност, без никој да се запраша од каде му се на Броз сите тие пари.
Во 80-тите години престана кредитирањето. Крајот на Студената војна значеше дека Брозовата држава не е повеќе интересна, особено не за кредитирање. Но, монетарната експанзија продолжи, а со неа и растот на инфлацијата. Оние кои добро паметат, може да потврдат дека просечниот личен доход во Македонија во 1980 година беше еден милион стари динари, а во 1988 година достигна близу една милијарда стари динари. Номинално, во бројки, личниот доход се зголемил речиси милион пати, а фактички куповната моќ е опадната.
Што потоа? Потоа дојде ММФ, кој навистина ја сопре инфлацијата, но беше побарано да се сопре и монетарната експанзија, како и да се спроведат демократски парламентарни избори. И тоа не само кај нас, туку во цела источна Европа. Тоа, пак, значеше не само политичко погребување на системот туку и крај за паричното помагање на државните фирми кои работат со загуба. Стопирањето на инфлацијата, која нашиот стандард можеше да го изедначи со оној на денешен Зимбабве, буквално значеше стопирање на печатењето пари. Работните места што зависеа од таквите пари одеднаш престанаа да постојат. Јадните луѓе, кои останаа без работа, се најдоа во немилост чувствувајќи се измамени, комплетно несвесни дека нивните работни места постоеле само виртуелно. И ако на сево ова, го додадеме и фактот дека приватизацијата ја изведоа некадарни луѓе, односно довчерашните комунисти, луѓе со крива перцепција спрема капитализмот како систем, станува јасно дека целокупната сиромаштија денес е производ на погрешните економски потези во 70-тите, 80-тите и 90-тите години од минатиот век. Од друга страна, економиите од источна Европа, кои успеаја економски да не' надминат, најнапред спроведоа успешни општествени реформи. Тоа им донесе странски инвеститори во голем број, така што цената на работната сила порасна неколкукратно.
Токму тоа е и нашиот вистински проблем. Реалните недостатоци на независна Македонија се бавноста на реформите, социјализацијата на економијата и другите бариери за странскиот капитал. Таквите реформи од источна Европа направија пристојно место за живеење, а не носталгијата по системот „клати врата, земај плата“.
До наредната годишнина на независноста јас би посакал поквалитетни и побрзи општествени реформи, повеќе инвеститори и крај на светската криза. Додека пак за личниот успех, ќе мора да се потрудиме, пред се', самите ние како поединци.