fanovi na vardar osiguruvanje ,kakva e sostojbata so vasiot klub(i kaj vas se slusa deka nesto ne e kako sto treba).dali i vasiot klub za zal ke bide vpisan vo podolgiot spisok na instant-klubovi vo mkd!?
Вардар Осигурување и официјално замина во историјата
Клубот со ланскиот старт со 15-0 и настапот во плејоф-финалето влезе во кошаркарската историја, но поради финансиски проблеми престана да постои, со што им се придружи на згаснатите гиганти Никол Ферт, Кочани Деликатес, Струмица, Куманово...
Кога екипата на Вардар Осигурување пред само неколку месеци се обидуваше да дојде до триумф во финалето од кошаркарскиот плејоф против Фени индустри, а со тоа и до влез во историјата како прв дебитант-шампион, тешко дека некој претпоставуваше дека тоа ќе биде последен обид на тимот од Скопје да дојде до победнички пехар.
„Осигурителите“ загубија во шестиот меч од серијата против кавадарчани, кој се покажа како клучен за загубата на титулата, но и како последен во нивното тригодишно постоење. Прекинот на соработката со главниот спонзор, фирмата „Вардар Осигурување“ беше клучниот фактор предводниците на овој клуб да го потврдат најавеното откажување од настап во натпреварувањата на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), а што официјално се случи вчера.
- Од луѓето од Вардар О. добивме официјално писмо во кое се вели дека нема да се натпреваруваат во Првата лига следната сезона. Не ми преостана ништо друго туку во прволигаш да го промовирам прилепски Ултимеј Баскет, кој лани беше третопласиран во второлигашкото натпреварување - вели Горан Трпушевски, комесарот за натпреварување во МКФ.
Екипата на Вардар О. постоеше краток период, но и покрај тоа успеа да оствари резултати достојни за почит и со кои слободно може да се вброи меѓу веќе непостоечките гиганти на македонската кошарка, како Никол Ферт, Кочани Деликатес, Струмица, Куманово, Амак-СП... „Осигурителите“ по само едногодишен престој во Втората лига успеаја да стигнат до виза за влез во елитата, каде што беа хит веќе во својата дебитантска сезона, која, за жал, се покажа и како последна во клупската историја.
Тимот предводен од тренерот Слободан Петровски сезоната ја почна со неверојатни 15-0 во победи, поради што беше споредуван со гиганти како Монтепаски, Реал Мадрид, ЦСКА, Жалгирис и Макаби Тел Авив. Пласманот во финалето од плејофот и куп-полуфиналето беше оценет како огромен успех за дебитантот и најава за уште подобри времиња, кои, за жал, не се остварија.
Црното сценарио се насетуваше во текот на летните месеци кога клубот остана без играчите што ја носеа играта како Тони Симиќ, Тони Грнчаров, Дарко Радуловиќ, Кирил Николовски... Генералниот спонзор реши целосно да се повлече, а луѓето од управата едноставно не успеаја да најдат негова соодветна замена и откако видоа дека нема друг излез решија да го „фрлат пешкирот“ (боксерски гест за предавање на борбата) и да стават клуч на клубот што претставуваше вистинско освежување на македонското кошаркарско небо.
Промените на екипите го одложуваат почетокот на првенството?
Кошаркарската сезона наместо в сабота најверојатно ќе почне седум дена подоцна. Такви се најавите од канцеларијата на Здружението на прволигашите. Главна причина за тоа се промените на листата на учесници во Првата лига на која во последен момент се најдоа Лирија и Ултимејт баскет на местата на Плејмејкер и на Вардар Осигурување.
- Веќе испратив писма до сите клубови во кои барам писмено да се изјаснат по овој предлог за одложување на почетокот. Ако повеќе од половина од нив прифатат, тогаш и официјално ќе го поместам стартот на првенството за 9 октомври - вели Горан Трпушевски, комесар за натпреварување во МКФ.
И.К.
Прилепчани прволигаши со само четворица кошаркари
Кошаркарскиот клуб Ултимејт баскет веднаш ја прифати поканата од Македонската кошаркарска федерација (МКФ) за учество во Првата лига по откажувањето на скопски Вардар Осигурување. Прилепчани од вчера се во акција за обезбедување пари за плаќање на задолжителната котизација, но и за прибирање играчи потребни за настап во елитата.
- Поканата стаса во последен момент, на прагот од првенството, така што не сме подготвени. Имаме само четворица кошаркари, но ќе се потрудиме некако да се екипираме. Во план се четири засилувања од Србија и исто толку од кавадаречки Фени индустри - најавува Сашо Костоски, тренер на Ултимејт Б.
Во клубот веќе цел месец траат подготовките, но на тренинзите се присутни само гостиварецот Бранко Јанески, битолчаните Благојче Ѓорѓиевски и Никола Петровски, како и домашниот Томче Николоски. Двајца на кои се сметаше, заминаа, Петар Апцев на Малта, Мартин Талески во Пелистер. Прилеп добива прволигаш по пауза од 17 години, кога во елитата нецела сезона се натпреваруваше 11 Октомври.