Индустријата во црна дупка, потона за 20 отсто во јули
Десетти месец по ред не престануваат негативните показатели за производството
Индустриското производство во јули потона за рекордни 20 отсто. Вчера Државниот завод за статистика ги обелодени бројките за јули споредено со истиот месец лани, со што се потврдува дека индустријата драматично се намалила, конкретно за 19,8 проценти. Ова е десетти месец по ред како не престануваат негативните показатели за производството.
За експертите, ова не е неочекувано, но велат дека резултатите се полоши и од најпесимистичките прогнози. А власта и вчера се фалеше со позитивни резултати за трите години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа најмногу со постигнувањата и проектите во економијата, иако податоците за индустриското производство се неумоливи и одат се' повеќе надолу.
Најголем пад, според последните податоци на Статистика, во јули годинава во споредба со истиот месец лани има токму во секторот кој најмногу се жали и веќе со месеци бара помош од власта, а тоа е металопреработувачкиот сектор. Таму падот достигнува рекорд од дури 62,9 отсто, а производството на основни метали е намалено за 50,6 проценти. Намалување на производството има и кај вадењето руди и камен за 24 отсто, во преработувачката индустрија падот е 24,6 проценти, а кај производството на текстилни ткаенини намалувањето е 36,5 отсто.
Раст се бележи во секторот за снабдување со електрична енергија, гас и вода од 5,7 отсто, а за 4,3 проценти има зголемување на производството на облека, доработка и боење на крзно.
Алармантни се и податоците за кумулативното намалување на македонската индустрија. Имено, во периодот јануари-јули годинава, во однос на истиот период лани, индустриското производство се намалило за 13,3 проценти.
Веќе на секого му е јасно дека земјава е во рецесија. Само се чека официјално да го соопшти тоа и државната статистика. Но, алармантно е што сите очекувања беа свртени кон третиот квартал, а податоците за јули, како прв месец од тој квартал, се песимистички.
„Сите рационални луѓе се сведоци за движењата во економијата, освен власта. Сите овие движења се очекувани. Резултатите дури може да се каже дека се и полоши од најпесимистичките прогнози. Министрите се израдуваа со парите од еврообврзницата од 175 милиони евра и од 300 милиони евра што дојдоа од иселениците. Веднаш побрзаа да се пофалат и го прикажаа тоа како големо достигнување. Но, движењата се катастрофални, а последиците допрва ќе бидат видливи“, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
Министерот за финансии, Зоран Ставрески, на прес-конференција во просториите на владејачката партија вчера, пак, не сакаше ништо да коментира за падот на индустриското производство, а не сакаше да открие ниту колку, според проекциите со новиот ребаланс, економијата годинава ќе заврши во минус. Според него, било нормално да се ревидира стапката на раст на БДП за годинава поради кризата. „Економскиот раст е категорија што среднорочно се реализира во текот на економските циклуси. Нормално, има години кога тој е повисок или понизок. Но, факт е дека во годините кога во светот имаше нормални услови за економија, остваривме највисоки стапки на економски раст во историјата на Македонија од над 5 проценти. Оваа година ја пребродивме со најниски можни резултати во однос на последиците во домашната економија, веруваме дека со завршувањето на рецесијата македонската економија ќе се врати на високи стапки на раст. Програмата може да подлежи на ревидирање или на дополнителни анализи“, изјави вчера Ставрески.
Тој не сакаше да коментира за индустријата, но бројките гледани десет месеци наназад воопшто не даваат розова слика за економијата.
Во јули индустријата најмногу падна за рекордни 20 отсто, но намалувањето на производството и во јуни беше големо од 16,2 процента. Сериозно намалување на индустријата имаше и во мај, и тоа за 15,3 отсто во однос на истиот месец минатата година. Во април падот изнесуваше 7,7 проценти. Всушност, лошиот тренд на индустриското производство стартуваше во октомври минатата година, кога беше регистрирано намалување од 9,9 отсто во однос на април 2007 година. Во ноември падот беше малку поблаг и изнесуваше 2,9 отсто, а во декември повторно беше висок и се позиционира на 10,1 отсто. Неповолните тенденции продолжија и оваа година. Во јануари имаше исклучително лош производствен скор, односно намалување од дури 16,7 проценти во однос на истиот месец во 2008 година. Во февруари, исто така, продолжуваат лошите економски резултати со пад на индустријата од 11,3 отсто. Ситуацијата малку се ублажи во март, кога намалувањето на продукцијата изнесуваше само 4,8 отсто, за во април економската слика повторно да се влоши и да се регистрира пад на индустриското производство од 7,7 проценти.
На секого му е јасно дека годинава ќе биде тешка. Народна банка веќе објави прогнози дека падот на економијата годинава ќе биде најмногу до 2,5 отсто, но Ставрески уверува дека последиците од кризата во земјава најслабо се почувствувале.
Само во почетокот на овој месец министерот се пофали со подобри приходи во буџетот. Тие вчера беа објавени и на веб-страницата на Министерството за финансии.
Прибирањето на буџетските приходи, по дното што го достигна во јуни годинава, кога државната каса останала покуса дури за 35 милиони евра, во јули почнало да се движи по нагорна линија. Имено, во јули биле прибрани приходи повисоки за 30 милиони евра отколку во мај и јуни годинава, со што првпат годинава буџетот бил во суфицит, по полугодишниот пад во прибирање на буџетските приходи. Според власта, ова било знак дека економијата почнала да заздравува. Дали објавувањето на овие резултати беше само алиби да нема големи кастрења со новиот ребаланс на комотното трошење на Владата?
Ребалансот утре министерот за финансии ќе го испрати во Влада, а во вторник се очекува да се расправа за него на владина седница.
http://www.time.mk/read/61d09ff63f/76ad1ce4cc/index.html
Одиме понатаму...!!!!!!!