Дојди веслај - третпат во Струга
Летниот андеграунд фестивал наречен Дојди веслај во организација на музичката работилница Рокенрол, кој се одржува во Струга, годинава ќе го доживее своето трето издание. Според програмата, фестивалот годинава ќе трае три дена, од 5. до 7. август и на учество ќе земат вкупно 14 состави, меѓу кои и Аутогени тренинг од Подгорица и Мед год од Приштина.
Покрај гостите од странство, тука се домаќините, струшките групи Обливион, Дојка, Титаниум, Хејтред, Скетерд и Гримус, како и охриѓаните Аутор. Од Скопје, во Струга ќе заминат групите Фурион, Серпентин фајар (фото 2), од Кичево Рејвен додека пак битолчани ќе ги претставуваат Хал оф синс и Агеинст дем ол.
Дојди веслај, полека станува традиционален летен фестивал, на кој не само стружани, туку и сите македонски вљубеници на добриот рокенрол може да уживаат во одличните изведби на домашните рок-состави. Годинава фестивалот е проширен, во однос на бројот на учесниците, и во однос на времетраењето, што е показател дека фестивалот од година во година расте - рече Стефан Голабоски, еден од организаторите.
Како и сите летни повеќедневни фестивали, така и овој, ќе има свој камп, кој ќе биде лоциран на плажата Мајски цвет. Тука ќе може да се сместуваат музичарите и публиката во сопствени шатори, но тоа што е најинтересно е дека сместувањето ќе биде бесплатно.
Покрај сместувањето, на сите учесници ќе им овозможиме да снимаат по една песна во тонското студио Цимер, исто така бесплатно, а целиот аудио материјал, подоцна најверојатно ќе биде објавен како компилациско издание - додава Голабоски.
Концертните настапи на годинешното издание на Дојди веслај ќе се одржуваат на летната сцена во Центарот за култура каде можат да се соберат околу 2.500 посетители. Свирките ќе почнуваат во 21 часот, а ќе траат до раните утрински часови. Цената на дневните влезници ќе биде симболични 150 денари.