Уште нешто за светите крави....
Само државата плаќа бенефициран стаж
Приватните газди не сакаат да им плаќаат бенефициран стаж на вработените што работат на ризични работни места, а нема ни кој да ги натера. Проблем е тоа што законската регулатива предвидува самиот работодавец да понуди елаборат во кој ќе образложи кои се причините да плаќа дополнителни придонеси за тоа работно место. Но, на приватните газди не им оди во прилог да кратат од приходите за да му овозможат на работникот предвреме да се пензионира.Привилегиите од бенефицираниот стаж во земјава сега ги користат 40.000 вработени, од кои најголем дел се вработени во државни фирми. Во другите сектори со ризичен профил на работно место, приватните газди ретко се расположени да плаќаат привилегиран стаж.
Можност да заминат во пензија со наполнети од 45 до 50 години возраст сега имаат балетаните, полицајците, шумските полицајци, нуркачите и пилотите. Бенефициран стаж имаат и вработените во затворите и казнено-поправните домови, во Специјалниот завод во Демир Капија и во Болницата за психијатриски заболувања „Скопје“ во Бардовци и дел од медицинските сестри. Исто така и вработените во Дирекцијата за заштита и спасување, во рудниците, во ОХИС, во фабрики за производство на лекови, вработени во индустријата на тешки метали и во рафинерии.Иако некои од градежниците што работат на големи височини треба да добијат бенефициран стаж, никој од газдите не пријавил и не образложил дека сака тие работни места да ги плаќа бенефицирано.
- Ситуацијата е катастрофална. Законската регулатива дава можност за бенефициран стаж, но во секторот градежништво нема интерес кај работодавците да плаќаат дополнителен придонес. Факт е дека градежниците не можат да работат на големи височини и на различни временски услови до 64 години. Најнужна потреба е бенефициран стаж кај градежниците. Од 20 до 30 отсто од вработените во градежништвото треба да имаат бенефициран стаж. Инспекцијата треба да ги принуди работодавците да плаќаат, но тие се оградуваат од одговорност - вели Павел Трендафилов, претседател на Синдикатот за градежништво при Сојузот на синдикатите на Македонија.Од Државниот инспекторат за труд велат дека тие немаат такви ингеренции.
- Во законот никаде не пишува дека инспекторот ако наиде на работник што работи на ризично работно место треба да бара дополнителен документ од работодавецот дека му се плаќа бенефициран стаж. Ние проверуваме дали има заштитна опрема и дали местото на работа е обезбедено - велат во секторот за безбедност при работа во инспекторатот.Од Синдикатот за енергетика, индустрија и рударство реагираат дека со законските измени во 2007 година се намалиле правата на вработените што имаат бенефициран стаж.
- Порано рударите со 28 години ефективен стаж, значи заедно со бенефицираниот, можеа да одат во пензија. Односно ако се вработил на 20 години, на 48 години можел да биде пензионер. Со измените со кои стажот не е услов за пензија, туку староста од 64 години, рударите под услов цел работен век да го поминале во најлоши услови во јама не можат да одат во пензија пред 53 години. Кај полицајците и другите служби тоа е решено поинаку, со друг акт, во кој се вели дека со 25 години ефективен стаж може да се пензионираат - објаснува Пеце Ристески од СМЕР.Од Министерството за труд објаснуваат дека интенцијата на европските земји е предвременото пензионирање да се сведе на минимум.
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=5073DD16F21EE840A2686ADA7B1D1695