Даблдекерите со двојно помал капацитет од старите автобуси на ЈСП
Постојниот возен парк превезува 40.000 патници, a новите автобуси само 24.600
Новите 300 двокатни автобуси, што ќе ги набави Владата за да го обнови возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие, ќе имаат помал капацитет отколку сегашниве стари возила. Од ЈСП „Скопје“ информираат дека еден даблдекер ќе има 82 места, од кои 21 место ќе бидат за стоење. Наспроти новите, сегашниве стари единечни автобуси, со просечна старост од 17 години, имаат капацитет да примат по 100 патници и 30 места за стоење. Во зглобните автобуси има место за двојно повеќе патници, односно 200 места. Математиките говорат дека ЈСП со возен парк од 400 автобуси кои, како што велат од претпријатието, постојано се подготвени да бидат на линија, сега превезува 40.000 патници, а со новите 300 даблдекери ќе можат да се опслужат 24.600 патници. Ова доволно зборува дека јавниот превоз во Скопје и натаму ќе колабира, а згора на се', се нема визија ниту за зголемувањето на бројот на жители.
Од претпријатието коментираат дека, и покрај староста на возилата, од вкупно 400 возила, колку што има во нивниот возен парк, 260 возила постојано се на трасите низ градските улици од понеделник до петок, а со летниот возен ред, кога ги нема учениците, сега во саботите и во неделите, нивниот број е редуциран и активно се вклучуваат само 150 возила. Пред пристигнувањето на новите возила за претпријатието ќе биде важно да ги направи сите подготовки околу подигнувањето на височината на гаражите, пералните за возилата и, најбитно, нивните возачи навреме да ја поминат обуката за управување на двокатните автобуси.
„Според техничките карактеристики на автобусите, кои треба да ги изработува кинеската компанија ’Џенгџоу Јутонг‘, тие ќе примаат најмногу 82 патника. На горниот кат овие возила ќе имаат 39 седишта. На долниот кат има 18 места за седење и 21 место за стоење. Тука се предвидени и три седишта на преклопување. Наспроти тоа, 260 единечни автобуси на ЈСП собираат по 100 патници, а во 93 зглобни автобуси можат да се превезат и по 200 лица. Тоа доволно кажува дека новите двокатни автобуси, не само што нема да не' спасат од секојдневните турканици во јавниот превоз, туку уште повеќе ќе го зголемат проблемот. Условно речено, за да се избегнат турканиците, наместо на десет минути, веројатно двокатните автобуси ќе мора да поминуваат кај постојките на пет минути за да можат да соберат поголем број патници“, објаснува Александар Бошковиќ, генерален директор на ЈСП „Скопје“.
Од претпријатието додаваат дека дневно 220 автобуси сообраќаат на 70 линии и потенцираат дека првите 100 автобуси, кои ќе пристигнат во септември наредната година, ќе бидат вклучени на пофреквентните градски и приградски линии. Еден даблдекер чини 180.000 евра, без вклучен данок и царински давачки.