Васко Наумовски
„Декомуњаризација“
По формирањето на новата влада, драмата кај нокаутираната опозициона партија ќе стане главна летна приказна. Кој ли ќе ги вади од калта? Па, во комбинација се сите оние „основачи“ и „татковци“ од раните деведесетти. Нешто слично како Вашингтон, Хамилтон, Френклин, Џеферсон, Медисон и останатите кај Американците. Дури можеме да ги обединиме и на заедничка прослава. На 4 јули. Едните за југословенскиот ден на борецот, другите за американската независност. Сепак, не сум сигурен дека борците од народно-ослободителната борба (не оние од „Јорган-планина“ што станаа борци по 1945 година) би се согласиле дека нивното дело го продолжуваат овие „татковци“, иако седиштето им е на улицата посветена на славното партизанско гратче.
Поразот на т.н. социјалдемократска идеја на овие избори можеби ќе им донесе и нешто корисно на нејзините застапници во државата. По долги внатрешни „држ-недај“ ситуации, добиваат можност да се приклучат кон севкупниот процес на „декомуњаризација“ на општеството, и со тоа да го дадат својот скромен придонес кон застанување на нозе на државата, а и на сопствената дружина. Битките меѓу старите и нови крила слободно може да завршат. Математиката покажува дека степенот на лидерство на старите комуњари е обратнопропорционален со успехот на партијата. Политичката пензија не им се допаѓа, иако веќе одамна припаѓаат таму. По амбасадорските и слични позиции сепак најмногу би сакале да си се вратат во партијата. Повторно да бидат ѕвезди во медиумите и да си меркаат министерски фотелји. Но нивниот придонес во создавањето на државата не е заборавен.
Неколку аспекти им беа туѓи на „татковците“ дури и по формалната демократизација на државата. За нив беше нормално судијата и обвинителот да делат иста канцеларија, а законот да важи само за оние кои ќе бидат прозвани на состаноците на основните организации. Најновата постапка на лицето од „Семос“ покажува дека и затворите не се за сите. Одговорноста и транспарентноста беа само за на телевизија, а смешно нашминканите тетки - столбови на јавната администрација. И, иако основен приход на државата се даноците, и тие не беа за сите. Да не ги споменувам сите други нивоа, се до дозволи за градби, тендери, стипендии и места во студентски домови.
Повикот да се вратат „основачите“ да ја предводат партијата е само уште еден обид да се опстане на стариот комуњарски пат. Батали нови лица.
Дај да си се вратиме во деведесеттите. Па може ќе излезе и некој нов октопод, па пак ќе го ловат. Не е тоа лесна работа. Треба искуство. Затоа што, нели, „држава не се прави за ден“. Треба нафтени ембарга, фри-шопови, привремени спогодби, штедилници и стечајни управници. А, и многу нови инвестиции. Како онаа на „ауди“.
Макар што, и во оние нови лица може да се препознае формирање на една „неокомуњарска“ генерација, верни следбеници на „старите лисци“. Нивниот налет (за среќа само во партиски рамки) веројатно ќе биде спречен со нокаутот од пред неколку недели. После нив ќе имаме посилна и модерна опозиција, што ќе води кон поздрава демократска клима во државата.
Покрај позајмените предизборни слогани, од соседна Србија можат да прифатат и еден од принципите при составувањето на тамошната влада – откажување од политиката на деведесеттите. Не е случајна и комуњарско-северњачката коалиција, која едноставно мора да биде збришана од сцената. Нејзиното јадро е токму во генерацијата на „основачките татковци“.
Доколку, сепак, некому е неопходно да ги величи придобивките од комуњарското минато – прво нека го прифати такво како што е – минато. Или, нека се обидат да градат нови коалиции. Нели сите револуционери биле социјалисти. Но тој пат води преку еден од стабилните коалициони партнери. Во таа насока е и еден од графитите што ме затекна во предизборието: „СДСМ готови сте, и комунистите ќе гласаат за ВМРО“.
Авторот е доктор на правни науки
http://www.novamakedonija.com.mk/Des...rticleID=58000
Tekstot e star skoro edna godina. No vo Bihakjka bil zabranet za chitanje.