Слушнав една гркоманка кога му рече на офицерот: Фатете ја таа со белата јака на фустанот, таа е бугарска даскалка. Се приближи до нас и погледот го впери во мене, ми нареди: "Ти, излези малку понапред". Направив како што ми нареди. Налутено ме праша: "Што си ти? Бугарка ли си?"Не се исплашив, се држев храбро и му одговорив: "Не сум Бугарка, ниту Гркинка, јас сум Македонка". Разлутен офицерот ми удри силна шлаканица, но не паднав, се задржав на нозе и продолжив да му одговарам: "Не сум Бугарка, ниту Гркинка, јас сум Македонка. Затоа што моите родители се Македонци, и дедо ми и баба ми се Македонци и од дедо прадедо сме Македонци. Тука Грци нема, Грци сте вие кои дојдовте сега да не апсите и да не тепате".