Западните амбасадори и ЕВН како Јосип Броз-Тито
Автор: Дарко Јаневски
Пред само еден месец евроамбасадорот во Република Македонија, Ерван Фуере, ги искара сите тие што се осмелија да зборуваат против одлуката на Уставниот суд на РМ за укинување на веронауката во македонските државни училишта. Тоа ја уривало државата, ни порача Ирецот, зашто со критиките се нарушувала независноста на судот, кој бил еден од темелите на демократијата во секоја држава.
А забелешките, во најлошата варијанта, можеа да се сфатат како безопасно арчење зборови, а во најдобрата како можност да се испровоцира дебата од која не може да произлезе никакво зло. Зашто одлуката на Судот беше конечна и извршна и никаков притисок веќе не можеше да ја смени.
Сепак, стамената западна европска демократија претставена од Ерван Фуере, американскиот и другите европски амбасадори во Македонија, остана цврсто на браникот на наводно нарушената независност на Уставниот суд. Добро, можеби така треба. Зошто, нели, ние уште учиме.
Арно ама, триесетина дена по „сталинградската битка“ за Уставниот суд, истите западни амбасадори почнаа да фрлаат дрва и камења против одлуката на скопскиот основен суд во спорот меѓу државниот ЕЛЕМ и австриски ЕВН. Да биде белјата поголема, во прашање е неправосилна пресуда, па здружениот напад на „сојузниците“ може сериозно да влијае врз конечната одлука. И сега на набљудувачот од страна ништо не му е јасно. Па нели истите тие луѓе само до пред некој ден пропагираа нешто друго? Пред сè лекции за независноста на судството.
Но можеби приказната не лежи во немешањето во судските одлуки, сеедно дали се тие на Уставниот суд или на некој од редовните судови во земјава, туку во парите. Овој спор во кој западњаците го плукаат и понижуваат македонскиот суд вреди севкупно околу 160 милиони евра, а за толку пари, очигледно, европските амбасадори во РМ сметаат дека можат да го погазат тоа што до вчера го зборувале.
Патем, постојат стотици граѓани на РМ што незадоволни од разни судски одлуки им пишуваат писма и на Фуере и на другите амбасадори барајќи од нив помош. И колку што е познато, вообичаениот одговор е дека тие не се мешаат во работата на македонските судови и дека граѓаните треба да истраат во барањето правда според домашните закони.
Н о овој случај ја покажува грешката на тие што се обраќаат до амбасадорите: не било до немешањето, ами до парите. А тие писмата ги испраќаат празни. Очигледно, ако ги поткрепат со доволно евра, западните демократи нема да се стеснуваат да влезат во кавга дури и со премиерот на Македонија поради некоја судска одлука, ниту ќе се стеснуваат пред камерите на македонските медиуми да зборуваат како судот донел неправилна одлука. Нема да отсуствуваат ниту заканите, како тие што ги изрече германската амбасадорка Урлике Кноц: ако сме сакале Запад да инвестира во Македонија, ќе треба во овој случај државната компанија да се откаже од парите, а во иднина сè што треба да направиме е да најдеме начин не само ЕВН туку и другите странски компании да уживаат еден вид екстериторијалност од надлежноста на македонските судови (приближно како што тоа Љупчо Георгиевски го стори со „Окта“). Оти нашите судови не ги бива, и ако тоа е така, тие можат да служат само за малтретирање на домашните домородци, но не и да им делат правда на компании што им припаѓаат на луѓе од повозвишените раси.
Ништо помалку ароганција во овој случај не покажа ни ЕВН. И на нив, нормално, не им чини македонскиот суд, па чувме изјави со кои по извесно време, одново на голема врата во Македонија ни го вратија Јосип Броз-Тито и неговата славна реченица од бомбашкиот процес во Загреб во 1928 година кога тврдокорниот комунист храбро извикал: „Не го признавам овој суд“.
Така, и Австријците. И тие, како и Тито, повеќе би го сакале судот на нивната „партија“, а не македонскиот. Впрочем, како минува времето, ним, по сè изгледа, Македонија сè помалку им е по мерак. Прашање е дали воопшто и пијат вода ако не е од австриските Алпи. Но таа Македонија, интересно, им беше многу убава пред само неколку години, кога за 220 милиони евра купија монопол што има побарувања од 150 милиони евра.
На крајот, за кашата да биде комплетна, по средбата на амбасадорите во Владата на РМ, беше соопштено дека забелешките на странците во врска со спорот биле испратени до Судскиот совет. Дали тоа значи дека секој граѓанин на РМ, по првостепена пресуда од која е незадоволен, ќе биде примен од премиерот, а неговите забелешки ќе бидат испратени до РСС со писмо на кое стои владин печат? И кој е сега тој судија во Македонија што во кој било иден спор во кој странка ќе биде ЕВН, сеедно какви ќе бидат доказите, ќе се осмели да пресуди против компанијата?
http://www.novamakedonija.com.mk/De...=2&fCat=1&EditionID=390&top=1&ArticleID=24276