Да додадам на моето предходно...
Не ми се допаѓаат разните избрзани предизборни лопатарења.....еве што се случува со нив.....
Се урна браната во Рапеш градена предизборно
Битола - Се урна браната на Маковска Река кај мариовското село Рапеш што беше градена предизборно. Жителите се крстат во господ што настанот се случил во текот на ноќта и помина без последици за луѓето и за стоката.
Браната во Рапеш се изгради со цел на жителите да им овозможи континуирано напојување на стоката, бидејќи овој крај е сушен во текот на летото. За овој проект Општина Новаци од касата потроши околу 3,5 милиони денари. Градоначалникот на Новаци, Лазо Котевски, вели дека од идната недела ќе се гради нова брана на трошок на изведувачот.
Жителите на Рапеш обвинуваат дека браната била направена нестручно и набрзина колку да се покажела Општината пред избори дека нешто се работи во мариовските села. Со вода била наполнета помеѓу двата изборни круга. Изградба на браната Мариовци ја чекале со децении, мислејќи дека таа ќе им ги реши проблемите со сушата. Но, наместо тоа, велат дека можело да се случи трагедија.
„Среќа што се случи ноќта, оти ако беше во текот на денот, ќе отидеа и стоката и луѓето. Оти секој ден сме тука на овој терен.
Ова е објект без темел. Тоалет не може да се гради без темел, а не ваков капитален објект. Ако вака се гради, многу е опасно не само за нас туку за сите жители од овој крај. За брана треба да се употреби соодветен материјал, глина, а не што било. Треба да има и соодветен надзор“, обвинува Зоран Трајковски, жител на Рапеш.
Тој се сомнева дека една од причините за уривањето на браната е нестручноста на тимот што ја градел. „Тука работеа неколку луѓе кои не беа стручни. Обични луѓе како мене, возачи. Попушти и почна да тоне. Уште ненаполнета, насипот не беше ист на двете страни. Дојде денот да се направи, ама не беше безбедна“, вели Трајковски. Откако браната се урнала, селаните ја алармирале Општината.
Градоначалникот Котевски вели дека за уривањето на браната одговорност имаат и жителите.
„Браната во Рапеш беше дел од стратегијата за развој на руралните општини. Според проектот што беше направен, таа требаше да биде висока четири метри и тогаш ќе издржеше. Но, по инсистирање на локалното население, бидејќи ќе немало доволно вода, ја кренавме уште два метра и покрај тоа што не се согласуваше главниот надзор. И не издржа. Тука влијаеја и временските услови. Оваа пролет имаше многу вода од дождовите и притисокот не издржа, зашто беше земјена брана набиена со камен. Одводниот канал, кој исто така беше планиран на три метри, а се крена на 4 метра придонесе да не издржи браната“, објаснува Котевски. Тој најавува дека сите трошоци за изградба на нова брана ќе ги преземе изведувачот.
„Изведувачот има одговорност да ја изгради повторно браната, почнуваме од вторник со нови параметри и со нови пресметки“, најави Котевски. (А.Б.)
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=61BF26D0C3816F47A767C51510653034