УВОДНИК
СДСМ хабет папа, нас Господ да не' чува
На Македонија како леб и' е потребен опозициски лидер што ќе донесе вистинска конкуренција на политичката сцена и што ќе понуди нова визија за развојни реформи. Дали името на Црвенковски ви е асоцијација за успешна реформа? Ни дал ли барем една причина да веруваме дека кога следната недела ќе се врати во својата папска фотелја ќе се зафати со пишување програма, а не со ковање интриги и манипулации за да може да владее како единствениот можен обединител на сите социјалдемократи?Задутре е понеделник, последниот работен ден како шеф на државата на претседателот Бранко Црвенковски и дванаесеттиот ден пред кардиналот Игор Шема, најверниот и најрадосниот во конклавата, да излезе на еден од прозорците на катедралата на Бихаќка бб и да објави: Хабемус Папам! И, се разбира, никој нема да биде изненаден од големата вест што со тон на спасојавление ќе се разгласи низ земјава - од „Плеј-кафе“ до слободно Велгошти, зашто и врапчињата во земјава (па и пошироко до Брисел) одамна знаат кој ќе биде старо-новиот претседател на СДСМ, со месеци пред конгресот да биде закажан за 24 мај.
На сите што барем малку го познаваат политичкиот профил на Црвенковски, им стана јасно дека „Леси се враќа куќи“ уште истиот миг кога објави дека нема да се кандидира за втор претседателски мандат.Единствено в.д. претседателот Зоран Заев некое време негуваше лажни илузии, а потоа, се чини, и тој си легна на брашното. Во низата вицови за вонземската сила на Чак Норис (на пример, дека избројал до бесконечност и назад, и тоа двапати) имаше и еден политички: „Чак Норис му поверувал на Бранко. И тоа двапати“. Сепак, не верувам ни дека Чак Норис имал сила да му поверува кога своите намери да го збрише в.д. раководството и да седне на папскиот стол ги камуфлира со тогашната изјава дека се враќа во партијата без ултиматум за каква било функција.
Еден мој колега, инаку поранешен страсен „бранкомрзач“, а сега во „Сега“ негов исто така страсен медиумски промотор, во излив на патетика во една ТВ-емисија порача дека Црвенковски и' должи на партијата што ја остави кога и' беше најтешко, сега да се врати и да ја обнови. Не знам какви се должничко-доверителските односи на Бранко со СДСМ и што една партија може да очекува од човекот што ја оставил на цедило, но јасно е дека како епилог од таа партиско-лидерска сага, македонската демократија ќе зијани последна можноста од најголемата опозициска партија да добие еден нов, чист, неистрошен, млад, енергичен, модерен, европски и реформски ориентиран предводник. СДСМ имал и има такви луѓе, но
Бранко секогаш знаел како да ги изгори или да ги маргинализира. Во услови кога имаме Влада што е зарибана на патот кон европска интеграција и што не ги постигнува ветените резултати во економијата, на Македонија како леб и' е потребен опозициски лидер што ќе донесе вистинска конкуренција на политичката сцена. Лидер што ќе понуди нова визија за просперитетни реформи. Дали името на Црвенковски ви е асоцијација за успешна реформа? Ни дал ли барем една причина да веруваме дека кога следната недела ќе се врати во својата папска фотелја ќе се зафати со пишување програма, а не со ковање интриги и манипулации како радмилистите да ги скара со бучковистите, титовистите со шемаџиите итн., итн. за да може да владее како единствениот можен обединител на сите социјалдемократи? Може ли да очекуваме некој што за свој министер вели „што ако е глупав, нема да го праќам на квиз“ да состави тим од умни и способни луѓе, кои ќе направат позитивен пресврт во македонската политика?
Да не зборуваме, пак, за елементарна демократска внатрепартиска процедура, таа е претворена во бел чад, ист како оној што се крева од Ватикан кога ќе се запалат ливчињата на кардиналите со името на избраниот папа, само што ливчињата на конгресот на СДСМ се практично однапред заокружени онака како што сака Тој, големиот вожд.СДСМ до крајов на месецов ќе си добие папа, а Македонија Господ нека ја чува!
П.С.
Добрата вест во приказната е дека задутре, сепак, е понеделник и Бранко ќе има уште еден работен ден да им го посвети на новинарите што поради предолгиот ред на емотивната разделба во четвртокот останаа без неговата потпишана книга. Штета што протестот за новинарско достоинство не се совпадна со денот за простување со Бранко, ќе можевме сите во строј и во колона двајца по двајца директно од Плоштадот да се упатиме кон Собранието по автограм со кој трајно ќе го заверевме нашето професионално достоинство. Не чув дали е така, но не се сомневам дека и хонорарот на колегите-автори на книгата ќе заврши во касата на ЗНМ, како влог што ќе се искористи за подобрување на стандардите во нашата професија.
Сашо Кокаланов
Во која очајна сосотојба е нашава политичка сцена не сте свесни ....
Господе помогни ни со овие политичари.....