Ќе штедиме на железница, ќе се возиме на жичница
Владата со ребалансот на буџетот ги преполови планираните инвестиции во железничката инфраструктура, а неколкукратно ја зголеми сумата за изградба на објекти во културата. Предлогот за ребаланс на буџетот со кој Владата планира за околу 173 милиони евра за да го намали актуелниот буџет за 2009 година вчера пристигна во Собранието.
Во документот се гледа дека Владата ќе ги скастри буџетските пари наменети за инвестиции во железничката инфраструктура од 15 на околу 8 милиони евра. Од друга страна, од 2,5 на 6,5 милиони евра се зголемува сумата предвидена за изградба на објекти во културата, а дополнително во буџетот на Министерството за култура ставката други градежни објекти се зголемува од 6,3 на повеќе од 8 милиони евра.
Кога станува збор за културата, интересно е што Владата со ребалансот решила да штеди пари на изградбата на нова зграда на Филхармонијата, на турски театар, на универзална сала и музеј на ВМРО и музеј на жртви на комунизмот, како и на филмската и музичко-сценската уметничка дејност. Меѓутоа не се штеди ниту денар на изградба на монументална фонтана на плоштадот. Оваа ставка останува непромената со ребалансот и изнесува околу 1,5 милион евра. Зголемување има и на средствата за одржување културно-уметнички манифестации.
Кога станува збор за другите капитални расходи, големо намалување на буџетски средства има кај Министерството за транспорт и врски, каде што, покрај намалувањето на парите за железничката инфраструктура, од 8 на околу 4,8 милиони евра се намалени средствата за набавка на нови автобуси за јавниот превоз и за повеќе од два и пол пати се намалени средствата за изградба на каскадни прегради на реката Вардар, проект со кој, меѓу другото, треба да се заштитат изворите Нерези-Лепенец од кои се снабдува Скопје со вода. Сепак во Министерството за транспорт и врски нема да се штеди ниту денар за годинава да почне да се гради жичница од Средно Водно до Милениумскиот крст, проект за кој и пред ребалансот, а и сега се предвидуваат околу еден милион евра.
Со ребалансот на буџетот, Владата реши да ги намали капиталните расходи за околу 80 милиони евра или за околу 17 отсто во однос на првичните проекции. Во предлог-буџетот се образложува дека се наметнува потреба од одложување на сите капитални проекти со доминантна увозна компонента, а со цел намалување на притисокот врз платниот биланс и давање приоритет на сите оние проекти што значат ангажирање на градежниот сектор и домашните компании. Така, на списокот на капитални расходи што се одложуваат се најдоа капиталните проекти сврзани со опремување на репрезентативните објекти на Македонија, набавка на планираната опрема за лабораториите во универзитетите и научните установи, расходите за набавка на опремата за државна безбедност во МВР, трошоците за купување амбасади во МНР, за набавка на опрема во Царинската управа, планираните проекти во Министерството за транспорт и врски (набавката на автобуси, изградбата на источна и западна трибина, доградба на ГТЦ, средствата за водоводи и јавни клозети). Се одложуваат и одделни проекти во Министерството за образование и наука сврзани со опремувањето на универзитетите, проектите од областа на спортот во Агенцијата на млади и спорт (олимписки базени, фудбалски и тениски игралишта), проектите во здравството сврзани со набавката на медицинска опрема, планираното поврзување на јавните здравствени установи и здравствената картичка.
Негативни економски трендови поради кои се носи ребалансот
- Индустриското производство забележа пад од 7,6 отсто во последниот квартал од 2008 година и 14 отсто во првите два месеца од 2009 година
- Извозот забележа пад од 15 отсто во последниот квартал од 2008 година и 44 отсто во периодот јануари – февруари 2009 година
- Увозот забележа пад од 13 отсто во последниот квартал од 2008 година и 26 отсто во периодот јануари – февруари 2009 година
- Надворешнотрговскиот дефицит се продлабочи за 12 отсто во првите два месеца од 2009 година
- Даночните приходи во буџетот во првиот квартал од 2009 година се за 10 отсто пониски од планираните
- Бројот на регистрирани невработени во Агенцијата за вработување во периодот јануари-февруари 2009 година е зголемен за 7.700 лица
- Присутни се дефлациски тенденции во последните три месеци, при што, во првиот квартал од 2009 година стапката на инфлација изнесува само 1 отсто
Владина прогноза за макроекономските индикатори во 2009 година во %
(2008; 2009)
БДП (реален пораст) 5; 1
Трошоци на живот 8,3; 1
Индустриско производство (пораст) 5,5; -7,5
Буџетски дефицит (% од БДП) -1; -2,8
Трговски дефицит (% од БДП) -26,8; -26
Дефицит на тековна сметка -12,7; -11
Стапка на невработеност 34; 34,5
http://www.novamakedonija.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=2&fCat=1&top=1&EditionID=380&ArticleID=23423