Софија кај нас ќе му гради споменик на Каварналиев
Бугарскиот европратеникот Евгениј Кирилов тврди дека на минатонеделните средби македонската страна се согласила да се обнови споменикот на офицерот
Македонија се согласила на нејзина територија да се реконструираат бугарските споменици на полковникот Коста Каварналиев и спомен-чешмата посветена на царот Фердинанд, изјави бугарскиот европратеник Евгениј Кирилов по дводневната посетата на Македонија. Во интервјуто за бугарската агенција „Фокус“ Кирилов истакна дека ова било договорено на средбата со министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и со Спиро Ристовски, заменик-министер за труд и социјална политика.
- Тие се согласија дека по оформувањето на работните групи ќе се направи листа со сите споменици и дека две приоритетни прашања ќе бидат решени - да се реконструира споменикот на полковникот Каварналиев и да се обнови чешмата на Фердинанд со спомен-плочата. Ние од блиску ќе следиме како ова се спроведува - изјави Кирилов за бугарската новинска агенција.
Ако македонската страна дозволи реконструкција на споменикот на бугарскиот полковник Коста Каварналиев, кој загина во борбите за Дојран во 1913 година, тоа ќе биде преседан со кој нашата земја ќе дозволи претставник на окупаторска војска да има споменик на нејзина територија. Воените историчари предупредуваат дека тоа е недозволиво бидејќи мора да се прави разлика меѓу достоинствено одбележување на колективните гробишта и на непријателските војници и нивните водачи.
Во македонската влада вчера не можеше да се добие официјалната потврда дали на бугарските европратеници им е ветено дека ќе се обноват и индивидуалните споменици, што досега постојано се одбиваше. Неофицијално, владините извори тврдат дека се' уште не е договорено кои споменици ќе бидат обновени. Таму соопштуваат дека македонската позиција била остакната во изјавата на вицепремиерот Ивица Боцевски по средбите со бугарската делегација.
- Станува збор за техничко прашање, кое треба да се реши во духот на европските искуства како што е примерот со германските споменици во Франција и со британските споменици во Германија. Време е на Балканот коските на мртвите да се смират зашто видовме што донесе повикувањето на коските на мртвите во регионот. Балканот треба да се фокусира на заедничката европска иднина - изјави тогаш Боцевски.Евгениј Кирилов смета дека состојбата со бугарските воени гробишта во Македонија е многу потресна.
- Изразувам умерен оптимизам. Овој пат Македонија покажа разбирање и грижа дека има двојни стандарди. Ни рекоа дека на сите други земји им била дадена можност да се грижат за своите гробишта и затоа тие се во подобра состојба - рече тој.Според него, македонската страна укажала дека во Македонија има влијателни кругови што не се согласуваат со обновата на обележјата бидејќи Бугарите биле окупатори тука.
- Ние одговоривме дека во тоа време Македонија не била држава и по таа логика сите војници на нејзина територија беа окупатори. Се согласивме дека Бугарија не може да биде нееднакво третирана и дека жртвите треба да бидат третирани еднакво - посочи Кирилов.
Бугарскиот полковник Коста Каварналиев загинал на 23-24 јуни 1913 година, во периодот меѓу Првата и Втората балканска војна. Во тој период Србија, Грција и Бугарија на територијата што ја зазеле во Македонија почнале да воспоставуваат окупаторски системи. Споменикот што му беше посветен е направен на патот Валандово - Дојран и бил висок четири метри. Разурнат е во средината на четириесеттите години, но се' уште е во делумно добра состојба.
Стојчев: Се бореше Дојран да биде во Бугарија
Универзитетски професор и воен историчар Ванче Стојчев во интервјуто за „Дневник“ пред една година укажа дека „Каварналиев не се борел да ги спаси Македонците, туку се борел да ја задржи поголемата територија на Дојран и таа да влезе во составот на територијата на Бугарија“.
- Ако сега дозволиме да му се подигне споменик на секој командант, ќе немаме право да ги спречуваме и Србите и Грците да им подигнат споменици на своите команданти на наша територија. Тогаш Србите ќе побараат да му се подигне споменик на кралот Петар и на другите воени личности што го претставувале окупаторскиот систем и спроведувале големодржавна и денационализаторска политика - укажува Стојчев. Тој истакнува дека бугарската страна треба да покаже подготвеност да се направи спомен-обележје на 12.000 Македонци, кои биле во составот на воената единица „Македонско - тракиско ополчение“. Многу Македонци од оваа единица што ги мобилизирала Бугарија загинале во битката за Едрене со Турција.
СТАВ
Војници и офицери
Недозволиво е ако преку исполнувањето цивилизациски долг кон жртвите на бугарската страна и' се дозволи да направи посебен споменик на полковникот што се борел Дојран да биде дел од Бугарија. Со кое право тогаш како земја ќе се спротивставиме на сите други земји што во разни периоди тука праќале свои полковници и војници за да го приграбат својот дел од Македонија. Едноставно, нашиот и долгот на сите тие земји е на загинатите достоинствено да им се уредат почивалиштата.Тоа треба да се направи што побрзо и во тој строј на паднатите нема потреба за нечие истакнување. Исто како што е крајно време сите оние трагични македонски жртви од балканските и Првата светска војна мобилизирани во редовите на туѓите армии конечно да добијат достоен паметник.Ако, пак, бугарскиот европратеник не ја зборува вистината и таква согласност немало од македонска страна, време е да го напушти стројот на оние со кои треба да се разговара за оваа болна тема.
Извор ДНЕВНИК....
КАТАСТРОФА само тоа можам да кажам...
На Луге кои се бореле против МАкедонија ке им се дигат споменици...
Јас викам на ХИТЛЕР еден да му дигнеме па шо сака нека биде...
Бугарите ја испосраа работата уште пред да почнат да се обновуват гробиштата ...
Не дочекавме ни еден ден да помине или барем да се понадеваме дека ова нема да пмине со познатите Бугарски провокации...
НЕ ми е јасно со кое право трета држава сака да подига споменик на некој кој не окупирал....
Незнам ама јавно кажувам дека тој споменик ќе треба да го чува АРМ за да преживее....
Ај гробови , мртви луѓе ...нема проблем ако намерите се искрени ...ама не вака....