Локви од крв имало во едно од возилата со кое вчера побегнаа криминалците од пред „ПроКредит Банка“, дознава А1.
Најверојатно и бандата не куртулила од престрелката во центарот на Скопје. Освен крвавите траги и оставеното оружје, полицијата утврдила дека и регистарските таблички и на „алфата“ и на „голфот“ се лажни, украдени одамна.
Но, и денеска од ограбувачите, ниту трага ниту глас. Безбедносните камери во банката помогнале само да се утврди бројот на криминалците, маските на лицето им го сокриле идентитетот.
„Според досегашните сознанија и од тоа што може да се забележи од безбедносните камери, четворица напаѓачи влегле внатре во просториите на банката, евентуално петтиот којшто бил на вратата, така што претпоставка е дека можеби имало уште еден или двајца кои чекале во автомобилите и засега таа е бројката на напаѓачи со која располага МВР“, изјави Иво Котевски, портпарол на МВР.
Криминалците со две возила, од раскрсницата на „Партизански одреди“, вчера се упатиле накај Кале, не го избегнале ниту метежот на оваа улица, блокирана поради изведување градежни работи.
И овде имало пукање, еден од криминалците пукал во возило за да им се тргне од патот. Бандата безбедно стигнала до Визбегово, го оставиле едниот автомобил, а малку подолу и вториот. Од овде им се губи трагот.
За сето ова време, криминалците никаде не биле пресретнати од полицијата. Синоќа во неколку скопски населби имало претрес на куќи, неколкумина биле повикани и на информативни разговори, но се уште никој не е уапсен.
Вчера утрото, вооружена криминална банда маскирана со полициски елеци, ја ограби „ПроКредит Банка“ во центарот на Скопје.
Во престрелката со сообраќајната полиција беа повредени тројца, додека траел грабежот во банката криминалците полесно повредиле двајца клиенти.
Бандата со плен од 50 илјади евра побегна.
http://a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=107066