Кандидатурата на Фрчко пред комисијата за лустрација?!
Би можеле да постапуваме единствено доколку до нас бидат доставени докази за неговата работа во минатото. Ние не работиме врз база на претпоставки и неаргументирани изјави нема да се земаат предвид. На лустрација ќе подлежат сите кандидати, оние кои ќе бидат избрани, но и оние кои нема да ја добијат довербата од граѓаните, вели претседателот на комисијата Агим Мехмети
Комисијата за лустрација може да поведе постапка во врска со вистинитоста на изјавата на претседателскиот кандидат на СДСМ Љубомир Фрчковски, само доколку политичкиот азилант во Канада Јордан Петровски приложи докази. Ова вчера за ВЕЧЕР го потврди Претседателот на комисијата Агим Мехмети. Тој вели дека комисијата за верификација на фактите која има за задача да утврди дали кандидатите за претседателските и локалните избори во минатото биле соработници на тајните служби. Сепак, според Мехмети, пред се треба да се обезбедат услови за комисијата конечно да започне со работа, а потоа да ја испитува веродостојноста на информациите во изјавите на кандидатите.
-Сето она што деновиве се случува со кандидатурата на Фрчковски го следам исклучиво како граѓанин. Ова го велам од причини што комисијата нема услови да започне со работа. Ние ќе постапуваме по изјавите на кандидатите и ќе утврдиме дали во нив ја кажале вистината. Што се однесува до случајот со Фрчковски, би можеле да постапуваме единствено доколку до нас бидат доставени докази за неговата работа во минатото. Ние не работиме врз база на претпоставки и неаргументирани изјави нема да се земаат предвид. На лустрација ќе подлежат сите кандидати, оние кои ќе бидат избрани, но и оние кои нема да ја добијат довербата од граѓаните, вели Мехмети.
Петровски го обвини Фрчковски дека заедно со Томислав Чокревски, Слободан Богоевски, Зоран Верушевски, Сиљан Аврамовски и уште неколку други полициски функционери од идеолошки и политички причини против него отвориле досие под псевдонимот Црни. Петровски тврди дека вршеле тајна контрола на неговиот приватен и деловен живот и врз животот на членовите на неговото семејство. Ова потоа го користеле за нивна дискредитација.
Инаку комисијата за лустрација беше формирана пред изборите. Поради ова таа немаше можност да ја провери веродостојноста на изјавите на кандидатите пред 22 март и доколку кај некој од нив беа утврдени невистини, да бидат спречени да се најдат на кандидатските листи. Тоа ќе може да се реализира пред следниот изборен циклус, односно пред парламентарните избори во 2012 година. Комисијата вчера ја одржа конститутивната седница на која бил донесен заклучок да се испита веродостојноста на изјавите на членовите. Потоа истото ќе следува и за носителите на јавни функции и кандидатите за овие избори. И покрај првичните идеи таа да биде составена од независни експерти, членовите беа делегирани од партиите. Претседателите ќе ротираат на секои шест месеци. Комисијата ќе биде сместена во зградата на МРТВ. Треба да избере генерален секретар. Со работа најверојатно ќе започне во април или мај.
http://www.vecer.com.mk/?ItemID=C9275BB00CB8F1489B694DDDDCD1FBB2