Недостигот од инвестиции ја влошува финансиската сметка
Речиси за 60 отсто се намалени приливите во финансиската сметка, изнесуваат само 72 милиона евра
Соња Маџовска
Александрија Стевковска
Нема позитивни сигнали за заживување на финансискиот пазар во земјава. Намалени се приливите од странство, нема инвестиции, а се' помалку се издаваат и кредити, стои во најновиот извештај на Народна банка на Македонија. За речиси 60 отсто се намалени приливите во капиталната и финансиската сметка во првите три месеци од годинава во однос на истиот период лани. Тие изнесуваат само 72 милиона евра. Од приливите најголемиот дел се инвестиции во капитал, а според НБМ тоа се должи на воздржаноста на инвеститорите.
„Директните инвестиции, во чии рамки доминираат нето-инвестициите во капитал, или 90 отсто, изнесуваат 55,1 милион евра и се пониски за 57,6 проценти на годишна основа, што ја одразува глобалната воздржаност од инвестирање. Притоа, е забележано зголемено вложување во странство од страна на домашните инвеститори, најголем дел се однесува на вложувањата на пензиските фондови, а истовремено продолжува дезинвестирањето од страна на странските инвеститори“, се вели во извештајот на Централната банка.
Во исто време, според извештајот на НБМ, се зголемиле одливите на пари од земјава, што лошо се одразува врз тековната сметка на билансот на плаќања. „Имено, забележани се одливи во износ од 340,8 милиони евра, кои се двојно поголеми во однос на истиот период од претходната година. Главни фактори за таквото продлабочување се значително проширениот негативен трговски јаз, намалените приливи од приватни трансфери, во чии рамки се преполовени приливите врз основа на менувачко работење“, констатира централната банка.
По интервенциите на менувачкиот пазар во првите месеци од годинава, од НБМ сега велат дека состојбите се подобруваат. „Според најновите податоци, откупот на менувачкиот пазар во мај годинава за 58,3 милиони евра е повисок, и на месечна и на годишна основа. На збирна основа, во првите пет месеци од 2009 година, приливите на менувачкиот пазар и натаму бележат годишна стапка на пад од 19,3 отсто“, заклучуваат од НБМ.
Иако стопанството плаче за свеж капитал, банките се' уште се ригидни во одобрувањето средства за бизнис-проекти. Движењата на кредитите и во текот на мај укажуваат на намалување на активноста кај банките, а според проекциите на централната банка тоа и натаму ќе опаѓа. „Во однос на проекцијата за вториот квартал на 2009 година, остварената стапка на кредитен раст во мај е под проектираното ниво за 1,3 процентни поени, што укажува на можно позасилено забавување на кредитната активност во однос на планираното, кредитниот раст на крајот на вториот квартал се оценува дека ќе изнесува 19,8 отсто“, велат анализите на НБМ. Вкупните кредити на банките кај приватниот сектор во мај се намалиле за 497 милиони денари во однос на април. Во рамки на денарските кредити, главен двигател на умереното месечно зголемување претставува порастот на сомнителните и спорни побарувања.
Кредитирањето на домаќинствата и на корпоративниот сектор се одвивале со позабавено темпо, при што поголем дел од кредитите банките ги пласирале кај претпријатијата, или 56,7 отсто.
Кредитите се намалуваат, бидејќи паѓаат и штедните влогови кај банките. Во мај, вкупните депозитен потенцијал на банките забележал намалување на месечна основа од 0,8 отсто, што се должи, главно, на намалување на девизните депозити, при истовремен пад и на денарските депозити. Така, на месечна основа, денарските депозити забележале намалување од 0,6 отсто, додека депозитите во странска валута го прекинаа неколкумесечниот тренд на постојано зголемување и во мај остварија месечен пад од 1 процент.
На годишна основа, споредено мај годинава со мај лани, вкупните депозити кај банките го достигнале најниското ниво на годишен пораст од 2,9 отсто. Денарските депозити продолжиле да паѓаат на годишна основа со засилена динамика, при што во мај во однос на истиот месец од претходната година биле пониски за 10,8 отсто.
http://utrinski.com.mk/?ItemID=104C02AFC802464D9413619C828782B8
Нешто слично но во по мала степен се случува и во Бугариа