Извадок од Дневник:
Инаку, со освоените 343.374 гласови во првиот круг, претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција, Иванов, се наоѓа во средината меѓу Бранко Црвенковски и Сашко Кедев, кои влегоа во вториот круг на претходните избори во 2004 година. Тогаш претседателот Црвенковски освои 385.341 глас, а Кедев 309.132. Односно, сега Иванов има освоено малку над 40.000 гласови помалку од Црвенковски, а речиси 35.000 повеќе од Кедев. На минатогодишните предвремени парламентарни избори, пак, владејачката ВМРО-ДПМНЕ освои 481.501 глас, односно околу 96.160 гласови повеќе отколку што се освоени завчера.Според аналитичарите, сепак, не може да се направи механичка споредба на резултатите меѓу парламентарните и претседателските избори. За двата типа избори се водат различни кампањи. Истото важи и за каква било паралела со локалните избори. Гледано низ бројки, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ на изборите за градоначалници завчера освоија над 490.000 гласови. На изборите, пак, за советничките листи, таа бројка изнесува над 385.000 гласови. Евидентно е дека „потфрлање“ има кај претседателскиот кандидат, кој „заостанува“ 40-ина илјади гласови зад „советничките“ и 150.000 кај градоначалничките. Владимир Божиновски од Институтот за демократија смета дека во резултатите на владејачката партија нема ништо изненадувачко.