За подгревање на пропагандата на Скопје дека постои македонско малцинство во Грција го обвинија дел од грчките интернет-сајтови македонскиот отец Никодим Царкњас, откако тој беше осуден на шест месеци затвор поради тоа што наводно удрил дете.
„Царкњас додава жар во распламтената кампања на Скопје за постоење на македонско малцинство во нашата земја“, пишува грчкиот сајт „Зугла“, каде што се објавени фотографии од отецот на кои во заднина се вее знаме со сонцето од Вергина. Тука се објаснува и дека судот во Лерин минатата седмица го осудил Царкњас на шест месеци затвор поради тоа што пред седум години удрил момче што пеело грчка национална песна. Од Виножито, партијата на Македонците, оценуваат дека Грција го искористува случајот со Царкњас во насока на интензивирање на национализмот.
- Ние нема да реагираме на пресудата затоа што сме политичко движење и не сакаме да се мешаме во црковните работи - објаснуваат од Виножито.
За случајот се заинтересираа и грчкиот Хелсиншки комитет и активистите за човекови права. Светскиот македонски конгрес вчера изрази загриженост поради пресудата против Царкњас, оценувајќи ја за груба провокација против верските слободи и националните права на Македонците во Грција. Тие јавно побараа од Апелацискиот суд да ја поништи пресудата, а од обвинителството во Грција да поднесе пријави против младите хулигани и нивните ментори, кои пеејќи нацистички песни пред куќата на архимандритот Царкњас и кршејќи му ги со камен прозорците се обиделе да ги заплашат него и Македонците во остварувањето на верските слободи и националните права во Грција.